Премиерите на Македонија и на Обединетото Кралство, Христијан Мицкоски и Кир Стармер, го финализирале договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Тирана. Двајцата премиери оценија дека договорот ќе значи уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.
На својот Фејсбук профил Мицкоски напиша дека договорот повеќе месеци го преговарале тимови на двете држави и дека истиот ќе вклучува соработка во повеќе клучни области.
– Историски ден за Македонија! Остварив средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер. На средбата постигнавме согласност за договор за стратешко партнерство на Македонија со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Ова преставува стратешки договор кој ја позиционира државата во редот на интересите и делувањето на една од највлијателните политички и економски сили во светот како што е Обединетото Кралство.
Македонската јавност ќе биде сведок на договор за стратешко партнерство, договор кој што ќе овозможи инвестициски циклус во вредност од 5 милијарди фунти (6 милијарда евра), во делот на структурата, железницата, здравството и така натаму, кажа премиерот Мицкоски.
Државата ќе треба мудро да одигра со помошта која ја нуди овој договор за да се унапреди во процесот на интегрирање.
Деновиве кои што следат ќе бидат објавени сите детали.
Договорот не предвидува одредба за прифаќање на одбиени баратели на азил од таа земја.
Мицкоски и Стармер воедно разговарале и за неодамнешниот договор на Македонија за приклучување кон Заедничката работна група за миграција, дополнително зајакнување на регионалната соработка за спречување на нерегуларни мигранти што транзитираат низ Балканот и спречување на криминалните банди што им помагаат.
Ова е трет договор на Македонија за стратешко партнерство, по тие со САД и Турција.