Македонија се пријави да увезува отпад од ЕУ, ама ЕК прво треба да провери дали може да се справи на еколошки начин

Македонија е меѓу 24 земји кои досега ја информирале Европската комисија (ЕК) оти сакаат да прифатат отпадни материјали од ЕУ. Од земјите од регионот, коишто не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), заинтересирани за увоз на неопасен отпад од ЕУ се само уште Србија и Босна и Херцеговина. Македонија бара да увезува осумнаесет типови отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија (ЕУ). Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло.

Во следната фаза Европската комисија ќе треба да одлучи дали земјата има капацитет да управува со овој отпад на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ-законодавството.

Според новата ЕУ-регулатива, од ноември 2026 до мај 2029 ќе има целосна забрана и за извоз на отпад од пластика. По завршување на овој период, Македонија и земјите кои не се членки на ОЕЦД а се заинтересирани за увоз на отпад од пластика, ќе треба да го докажат својот капацитет да управуваат со таков отпад на еколошки здрав начин, за да бидат вклучени во листата во кои овој отпад ќе може да се извезува од ЕУ.

Од земјите кои не се членки на ОЕЦД, апликации покрај од Македонија, Србија и БиХ, пристигнале и од: Бангладеш, Египет, Ел Салвадор, Индија, Индонезија, Казахстан, Малезија, Молдавија, Монако, Мароко, Нигерија, Саудиска Арабија, Пакистан, Филипини, Сингапур, Тајван, Тајланд, Того, Тунис, Украина и Виетнам. Со тоа, на списокот се најдоа најголемите приматели на отпадни материјали кои се извезуваат од Европа, но на листата недостигаат Кина и Хонгконг. На листата нема и многу земји коишто иако имаат постоечки топилници и фабрики за хартија, не можат да го инсталираат потребниот капацитет за рециклирање во блиска или среднорочна иднина.

Управувањето со отпадот на еколошки здрав начин и користењето на секундарните материјали што тој ги содржи се клучни елементи на политиката за животна средина на ЕУ. Податоците покажуваат дека Европа создава многу повеќе отпад отколку што рециклира. Според Европската комисија, пет тони отпад годишно создава во просек секој жител на Европа. Само 38% од отпадот се рециклира, а над 60% од отпадот од домаќинствата се уште завршува на депонии во некои од земјите на ЕУ.

За споредба, во 2021 секое лице кое живее во ЕУ генерирало 36.1 килограм отпад од пластична амбалажа. Обемот на генериран отпад од пластична амбалажа по жител се зголемил за околу 29% помеѓу 2010 и 2021 година. Вкупниот пластичен отпад произведен во ЕУ во 2021 изнесува 16.13 милиони тони. Околу 6,56 милиони тони пластичен отпад биле рециклирани. Половина од пластиката собрана за рециклирање се извезува за да се третира во земји надвор од ЕУ. Извозот на сите видови отпад од ЕУ во земјите кои не се членки на ЕУ достигнал 33 милиони тони во 2021 година. Поголемиот дел од отпадот се состои од отпад од црни и обоени метали, како и отпад од хартија, пластика, текстил и стакло и главно завршува во Турција, Индија и Египет.

Останати вести