Македонија дојде на чекор од историски пласман во Лигата Б од Лигата на нации, но истовремено се избори и за историски успех во едни квалифиакции – да „заседне“ неприкосновено на првото место на табелата во нашата група. На две кола до крајот „рисовите“ имаат недостижна предност пред останатите селекции во групата.
Воедно за првпат репрезентацијата на Македонија на меѓународнна сцена врза три победи во низа без да прими ниту еден гол: две победи против Ерменија со по 2:0 и против Летонија во четвртокот од 3:0.
Македонската фудбалска репрезентација во Ереван одигра претпазливо и тактички одлично во најголем дел од мечот против Ерменија, а во првиот момент кога почувствува пад и слабост кај домаќиниот ладнокрвно зададе два удара и ги освои трите бода.
Непосредно пред мечот селекторот Милевски дозна дека Муслиу има скршеница на коска во стапалото и изврши три замени во стартниот тим, во споредба со оној кој почна три дена претходно во Рига. Серафимов, Зајков и Димовски почнаа од првата минута, наместо Муслиу, Бабунски и Ашковски.
Во првото полувреме и дел од второто немаше ништо интересно на теренот, освен поништениот гол на Серафимов во 5. минута. Во 54. минута селекторот Милевски ги внесе Велковски, Костадинов и Ќамили на местата на Атанасов, Димовски и Манев. Во 61. минута го видовме првиот официјален директен удар на Македонија на голот на Ерменија – Барди од слободен удар го принуди Чанчаревиќ на парада со која спречи македонско водство во Ереван. Три минути подоцна Ќамили со левата нога распали од тешка позиција, но биеше многу непрецизно.
Нашата игра доби смисла, постојано притискавме и резултатот стигна во 72. минута. Бојан Миовски прими една топка по десната страна, пласираше со левата нога во манир на голем мајстор во левиот горен агол на Чанчаревиќ и го совлада како пред еден месец во Скопје (0:1).
Само неколку минути по постигнатиот гол Миовски беше заменет со Милан Ристовски. Ерменците целосно паднаа во темпото, а Македонија со втор индивидуален потег ги реши дилемите околу победникот. Исник Алими со префинет удар со левата нога надвор од шеснаесетникот го совлада ерменскиот чувар на мрежата Чанчаревиќ (0:2). Ова беше втор гол на Алими во дресот со државниот грб.