Настан за привлекување на вниманието на универзалната тема за заштита на животната средина и предизвиците што ги носи нејзината комерцијализација и деградација
Минатиов четврток, во Мелбурн, настојувајќи да се промовира македонската култура и уметници, како и македонско-австралиските културни врски, во Генералниот конзулат на Македонија беше отворена изложба на фотографии на македонско-австралискиот уметник и фотограф Марјан Стојковски. Темата на изложбата наречена “Ла Фоли”, во која тој се осврнува е прекумерната комерцијализација на природните богатства и ресурси, свртувајќи внимание врз нивното еколошки неодговорно искористување.
Пред претставниците од конзуларниот кор и од македонската заедница се обратија и Тим Кејн, директор на Канцеларијата за Викторија на МНРиТ на Австралија и д-р Мелентие Пандиловски, уметнички директор и куратор во „JOLT Arts“ во Мелбурн.
Присутните можеа да ги видат и експонатите од филигранскиот сребрен накит, рачна изработка на Ирена Павловска.
Марјан Стојковски е роден 1965 година во Скопје, а последните две децении живее и работи во Австралија. Тој има диплома за ликовни уметности и уметничка фотографија (со почести) на Факултетот за ликовни уметности на Кралскиот институт за технологија во Мелбурн во класата на професорот Лес Вокинг. Делата на Марјан се водени од секојдневието и изобилуваат со динамика и немир, стопени со примеси на меланхолија. Неговата практика и уметничко изразување се протегаат низ широк спектар на медиуми, вклучувајќи фотографија, графика, мешани медиуми и работилници за животно цртање. Тој имал неколку самостојни изложби, а учествувал и на групни изложби во Австралија и Македонија. Дополнително, Стојковски се вложува во областа на арт терапијата, инспирирана од лицата со попреченост со кои соработува долги години.
13 Aug 2024