Македонските граѓани вадат бугарски пасоши од економски причини – првиот ден кога ќе станеме членка на ЕУ ќе ги искинат

Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на причината зошто македонските граѓани вадат бугарски пасоши.  На неодамнешната средба со Стопанската комора на северозападна Македонија, Мицкоски истакна дека многумина би се откажале од овие пасоши доколку Македонија стане членка на ЕУ.

– Македонските граѓани ги вадат бугарските пасоши од економски причини. Тоа не е затоа што се чувствуваат Бугари. Уверен сум дека ако го постигнеме членството во ЕУ, многумина веднаш би се откажале и би ги искинале бугарските пасоши.

Клучното прашање е зошто македонските граѓани не барале бугарски пасоши пред Бугарија да влезе во Европската унија. Прашањето за бугарскиот пасош не е поврзано со етничката или националноста. Бугарски пасоши имаат различни етнички групи во Македонија, вклучувајќи Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи и Бошњаци. Примарната мотивација за добивање на овие пасоши е економска. Тие го олеснуваат полесниот пристап до работни дозволи во рамките на Европската унија, рече Мицкоски.

Тој направи и паралела со економска состојба на Македонците во Албанија која ги принуди масовно да се попишуваат како Бугари на тамошниот попис.

– Претходните власти не направија ништо за нашето малцинство во Албанија, а резултатите на тие политики се катастрофални за Македонија. Се создаде бугарско малцинство кое што не постоеше во соседната земја Албанија, а македонско скоро исчезна.

Која е причината Бугарите да бидат дел од нашиот Устав?

Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот во однос на  уставните измени, кои се услов за продолжување на евроинтегративниот процес. За негопри фатлива алтернатива е усвојување амандмани на Уставот, но со одложено дејство, односно да стапат во сила тогаш кога за државата ќе биде донесена одлука да стане полноправна членка на ЕУ.

– Која е воопшто причината Бугарите да бидат дел од нашиот Устав? Нека ми објасни некој која е причината и зошто тоа го прифатиле? Дали нечии права се нарушени? Што ќе правиме со 14 пресуди за правата на Македонците во Бугарија, треба некој и за тоа да ни даде одговор затоа што ние сме во Европа. Јас не сум политичар којшто кажува дали нечии права се загрозени или не се загрозени. Има институции и ние политичарите мора да престанеме да правиме преседани. Има институција во Европа, се вика Суд за човекови права и таа институција вели – нула пресуди за бугарската заедница во Македонија и 14 за македонската. Еве јас ќе отидам утре во Благоевград кај нашинците од таму кај што беше пред година и пол и тие ќе ми го постават прашањето – добро, од таа страна на границата бугарската заедница е во македонскиот Устав, а ние овдека немаме право невладина да регистрираме. Што ќе им кажам? Што ќе им кажам јас на тие луѓе? Како ќе се чувствувам јас?, кажа Мицкоски.

Останати вести