Истакнувањето на македонското знаме во дворот на грчкото училиште Оукли Грамар во Мелбурн, по повод Денот на независноста на Република Македонија – 8 Септември, предизвика реакција што ја објави грчкиот весник „Неос космос“.
Грчката националистичка организација Панмакедоники од Мелбурн, испрати писмо до училиштето и до владиката Макариос, водачот на православна црква под која се води школото, осудувајќи ја постапката.
“На 8 септември 2023 година, раководството на Колеџот го подигна знамето на ‘Скопје’ на видно место во просторот на Колеџот, со цел, како што не информираат, да ја прослави годишнината од независноста на оваа држава, предизвикувајќи непријатност не само на учениците и родителите на училиштето, но и жителите на ‘грчко-доминантниот’ како што вие го нарекувате, регионот и целата парохија.
Понатаму Панмакедоники наведува дека кревањето на македонското знаме, на „држава што безброј пати го подрива грчкото полагање на права на античкото наследство на Македонија“ ја разлутило нивната заедница во Австралија. Се вели и оти постапката на училиштето претставува „напад врз грчката историја“.
Претседателот на училиштето, Крис Даматопулос, и директорот Марк Робертсон, во писмо до медиумите истакнуваат дека во 2011 година донеле „совесна и храбра одлука да ја отворат својата образовна институција за прифат, нега и грижа за сите деца и за нивните семејства, без разлика на нивната боја, вера или раса“.
Двајцата истовремено нагласија дека училиштето продолжува да ги „чува“ и одржува столбовите на христијанското православие и на хеленизмот, но и оти е приврзано кон австралиската образовна политика на толеранција и различност и на „40 различни“ култури претставени во студентската популација на училиштето.
„Денес ние сме горди на разновидното, мултикултурно семејство на ‘Оукли грамар’ со преку илјада вработени и ученици, кои претставуваат над 40 националности.
„За да се демонстрира инклузивност кон сите деца во ликот и љубовта Божја, беше решено да се веат знамињата на нациите на потекло на нашите студенти и вработени на соодветните национални денови во хармонија, мир и како признание за нашата мултикултурна заедница“, велат Даматопулос и Робертсон во писмото.
Тие нагласија дека немале „намера да навредуваат или да не почитуваат“, додавајќи дека „практиката е прифатена со цело срце од заедницата на која ѝ служиме во Христа,со љубов и единство“.
13 Aug 2024