На централната прослава на Водици годинава, што се одржа во Охридското пристаниште, Светиот крст го фати Мартин Гоџо од населбата Варош за кого ова е вторпат да го извади крстот од езерото.
Мало петно остави податокот дека дел од фаќачите на крстот предвреме влегоа во водите на Охридското Езеро и зазедоа позиција, и не сакаа да се вратат иако тоа од нив го побара архиепископот.
Гоџо од архиепископот г.г. Стефан доби Библија и златно ланче со крст, додека од градоначалникот Кирил Пецаков доби икона со свети Јован Крстител и крст изработен во филигран. Од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова доби икона во резба.
Претходно беше отслужена богослужба и света литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско со која чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Годинава централниот настан за Водици беше во Охрид поради неколку прични, меѓу кои таа што Дебарско-кичевската епархија остана без митрополит по упокоението на г.Тимотеј (затоа чиноначалствуваше архиепископот г.г. Стефан). Воедно во земјата не е ниту премиерот Мицкоски (замина на инаугурацијата на американскиот претседател Трамп). Така, на чинот на положување на светиот крст во Охрид присуствуваа и неколку министри а настанот беше масовно посетен како од охриѓани, така и од домашни и странски туристи.