МВР поднесе кривична пријава против Дрин и Бесиан Ахмети, внуци на Али Ахмети

Министерството за внатрешни работи соопшти дека поднело кривични пријави против вкупно девет лица. Првопријавени се Бесиан и Дрин Ахмети- двајцата браќа кои се внуци од брат на Али Ахмети. Тие се пријавени бидејќи директорувале (Бесиан од 2008 до 2017, а Дрин од 2017 до сега) со фирма која копала варовник кај Зајас (Кичевско), но не уплаќале пари во државниот буџет согласно концесискиот договор.

Пријавени се уште седум други лица, од кои петмина вработени во Министерството за економија и двајца во Државниот инспекторат за техничка инспекција за несовесно работење во службата, бидејќи пропуштиле да спроведат должен надзор и да утврдат – дека фирмата не си ги плаќа обврските.

Станува збор за фирмата „Еверест ЏД“ а, според МВР, направиле штета од околу 27 000 евра на буџетот. Фирмата која ја воделе добила тендер од АД ЕСМ во висина од околу 125.000 евра со ДДВ и тендер во прилепски „Водовод и канализација“, во висина од околу 15.000 евра.

Накратко, полицијата тврди дека фирмата копала варовник кај кичевски Зајас согласно концесиски договор, ама не уплаќала пари во државниот буџет согласно договорот. Така, . МВР поднесе кривична пријава против двајцата директори на фирмата ама и против надлежни државни службеници кои замижувале.

Името на Дрин Ахмети стана особено познато кога се појави да прогласи дека е сопственик на една од двете фирми кои ја купија деловната зграда во центарот на Скопје – „Соравија“. Дрин Ахмеди беше газда на „Тхор индустрис“ ДООЕЛ, која се стекна со 39% од „Соравија инвест“ и 49 отсто од „Соравија менаџмент“ – двете компании преку кои се менаџира деловниот центар. Во јавноста веднаш се отвори прашањето, но немаше одговори – колку пари дал за да се стекне со тој удел. Али Ахмети, како што изјави младиот бизнисмен, „ми е чичко и тој е моја мотивација, но нема врска со мојот бизнис“. Моментално Дрин е излезен од „Соравија“ а уделот на „Тхор индустрис“ го има купено американска фирма на иселеник етнички Албанец, инаку сопственик на стриптиз бар во Тексас.

На крајот на 2023 година Дрин Ахмеди беше запрен од полицијата, која му пронајде поголема количина пиротехнички средства во багажникот.

Името на Бесиан Ахмети почна да се споменува јавно кога тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави дека тој станал прв секретар во Амбасадата на Македонија во Брисел, но незаконски. Драган Ковачки тврдеше дека Бесиан Ахмети бил вработен во Министерството за економија по првпат во мај 2022 година и тоа на работна позиција – помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали. Само 10 месеци подоцна, бил преземен по пат на интерен оглас на кој се пријавил, па се префрлил во МНР.

Дел од медиумите, исто така, тогаш забележаа дека на својот професионален профил на „Линкедин“, Бесиан Ахмети има напишано дека бил избран за економски промотор на земјата во време кога технички премиер беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. Новинарите не успеале и да ја потврдат информацијата, бидејќи дневните редови и одлуките на владините седници тогашната власт ги третираше како тајни.

Останати вести