Милионите од продажбатана апартманот на Тито уплатени во Буџетот на МКД,Фрчкоски покажа уплатници

Новиот министер за надворешни и трговија, Тимчо Муцунски, повика назад на консултација тројца амбасадори: Весел Мемеди од Италија, Данчо Марковски од Албанија и Љубомир Фрчкоски од Њујорк. Секој поради некој грев: Мемеди зашто во февруари на своја рака ги извести италијанските власти дека македонските пасоши биле неважечки; Марковски поради скандалозните резултати со пописот и бугарската експанзија меѓу Македонците во Пустец и Голо Брдо; а Фрчковски поради тоа што затаил милиони американски долари и си трошел пари за лични потреби од сметката на Амбасадата. Правилото е дека „консултацијата“ може да трае до 60 дена а потоа се оди на сослушување по кое паѓа одлука – амбасадорот се разрешува или се враќа на служба. Но според македонските искуства ова се користи за отповикување на амбасадор со најмалку скандали.

Образложението од МНР за Фрчкоски беше најдраматично: дека ги скрил парите што Македонија ги доби како сукцесија од имотот на поранешна Југославија, од продажбата на апартманот на Јосип Броз Тито на Петтата авенија во Њујорк (пентхаус со 1.800 м2).

Но Фрчкоски во соопштение до медиумите објави факсимили од три уплатници – една на 3.3 милиона американски долари (од 31 август 2023), втората на 600 илјади (од 17 јануари 2024) и третата на 40 илјади американски долари (од 30 април 2024) – пари уплатени на сметката на Народната банка на Македонија (преку банката на ОН – UNFCU).

Toj уште демантира и дека ја злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Тврди дека имал итна медицинска интервенција во Македонија и бил на погребот на својот починат брат. Ненадејноста на овие настани го приморале привремено да искористи пари од мисијата за авио-билет, бидејќи службите во МНР не ѝ доставуваат на мисијата соодветни средства за лекарско осигурување. Тие пари секако деновиве ќе ги надомести.

На крајот Фрчкоски вели дека моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, штом не е „погоден“ на новите власти тогаш МНР нема потреба да измеќарува.

Останати вести