Процесот на евроинтеграција да се темели на процес во којшто ќе се оценуваат постигнувањата, а билатералните прашања да не бидат одлучувачки фактор, ова премиерот Христијан Мицкоски и го кажал на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во Брисел, на работниот ручек на кој присуствуваа и лидерите на другите земји од Западен Балкан. Тој потоа имаше средба и со претседателот на Европскиот совет (во заминување), Шарл Мишел. Мицкоски ја нарече Македонија жртва на билатерални проблеми, се пожали на неправдите и понижувањата што ги трпи земјата во процесот на евроинтеграција.
– Она кое што можев да го кажам таму е дека мора процесот на интегрирање во рамките на Европската унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор.За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе.
Така што уште еднаш потенцирав дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во ЕУ. Мојот одговор на таа теза е: ако има желба, тогаш има и начин, рече Мицкоски по средбата со Мишел.
Тој условите што и ги даде Брисел на Македонија за почеток на преговорите ги нарече ултиматум.
– Ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. За време на ручекот еден од присутните спомна дека се потребни жртви да се направат во овој процес на интегрирање на регионот во рамките на Европската унија. Јас само потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар збор и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже ама тоа е rule of unanimity или правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум. Не се тие европските вредности во кои што мојата генерација се вљуби. Јас сум подготвен со секого да разговарам, колку е тоа потребно, со секој буквално да разговарам додека не најдеме вистински пат, кој што овој пат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава, тоа е она што го барам. Дали е многу? Јас мислам дека не е многу, порача Мицкоски од Европскиот совет.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за Македонија да продолжи со европската интеграција, односно да се одржи втората меѓувладина конференција меѓу Брисел и Скопје. Фон дер Лајен наведе дека сите шест земји, партнери од Западниот Балкан и припаѓаат на Европа, а со Планот за раст унијата ги доближува балканските пазари до европскиот.
Албанија ќе нè претрка
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата во Брисел уште изјави:
– Бевме во многу групи што предводеа во евроинтергациите. На почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од неа, потоа бевме во група со Хрватска, па излеговме, па во група со Србија и Црна Гора за и таа група да нè претрка, а еве сега и Албанија ќе нè претрка.
Мишел му порача на Мицкоски да ги почитува договорите и да продолжи со реформите
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја повика Македонија да ги почитува преземените обврски, да ги спроведе правно обврзувачките договори и одлучно да продолжи со реформите на патот кон ЕУ. Оваа порака ја напиша на социјалната мрежа „Икс“ по неговата затворена средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Немаше заедничка изјава ниту прес-конференција. Осамана само пораката на социјалната мрежа:
„Ѝ честитав на Северна Македонија за геостратешката ориентација и посветеноста за влез во ЕУ. Денес С Македонија има вистинска можност да напредува на патот кон ЕУ и да влезе во нашето семејство“, додава Мишел на „Икс“.