Официјална Атина се најде засегната и испрати реакција на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена на средба со иселениците во Њу Џерси (САД) – дека сè уште трае борбата за македонското прашање кое не е решено и побара сите заеднички да се обединиме околу тоа.
Запрашан да ја коментира реакцијата од Грција, Мицкоски одговори дека е зачуден од каде тие во Атина се почувствувале повикани, кога никој не беше споменат во неговата изјава. Но потенцира дека нема да дозволи да бидеме испровоцирани и тоа да претставува еден процес што нема крај.
– Дали можеби имаат грижа на совест, па работи потсвеста, Фројд е чудна работа. Но, јас нема да навлегувам во таква дебата. Мојата цел и мојата порака е јасна: како претседал на Влада би било неодговорно и предавнички кон македонскиот народ, кон македонските граѓани, јас да кажам дека македонското прашање е затворено во услови кога ние не сме дел од европското семејство, а патот сме го почнале многу пред некои земји-членки. Македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на Европската унија. Тоа е прашање што стои отворено и главната причина според мене се билатералните прашања што не би требало да бидат критериуми и услови, рече Мицкоски.
Ние не можеме да кажеме исто так дека македонското прашање е затворено кога Судот за човекови права има донесено одлуки и пресуди за Македонците од другата страна на границата во Бугарија, кои велат дека бугарското општество не ги почитува елементарните човекови права кон македонската заедница таму.
– Ќе биде неодговорно и предавнички од мене како претседател на македонската Влада ова да го игнорирам и на поданички и полтронски начин да се повлекувам, мислејќи дека на тој начин ќе ги решавам проблемите. Не, јас додека сум жив и се занимавам со оваа работа ќе се борам овие неправди да бидат исправени во 21 век. Кога мене ќе ме нема и нема да ја вршам оваа работа, тогаш останува на генерациите по мене. Но, мора да имаме институционална трага дека сме се бореле, не сме го напуштиле бојното поле и не сме биле издајници на македонскиот народ и на македонскиот идентитет – рече премиерот Мицкоски.
Зборувајќи за инвестициите од македонската дијаспора, Мицкоски информира дека наскоро ќе има многу добри вести. Тоа, нагласи, претставува наша цел, на што силно работиме.
– Ние мора да газиме напред со крупни чекори, а тоа се неколку процеси што мора паралелно да ги водиме. Свесен сум дека за тоа можеби е потребно повеќе енергија, но сум подготвен тоа да го правам сè додека гледам дека има резултати. Поддршката што ја добивам од граѓаните е моја инспирација и мотив, а таа е навистина голема. Ќе продолжам да работам затоа што вреди оваа борба. Колку и да има сили кои предаторски гледаат кон нас и од дома и од надвор, тоа само дополнително ќе нè мотивира дека ова што го правиме е исправно и е токму тоа што го очекуваат македонските граѓани – рече премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто за МРТ.
– Јас знам дека во минатото имало луѓе коишто ја предводеле македонската Влада, коишто македонското прашање воопшто и не им било ни меѓу првите 10 приоритети, но ќе ве молам да се навикнете на Влада во којашто прв приоритет на претседателот на Владата му е македонското прашање.