Премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница најави можни предвремени парламентарни избори, врзано со завршување на процесот со трагедијата во Кочани, во која загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени. Тој не прецизира дали предвремените парламентарни би се одржале со локалните избори наесен, но рече дека ќе ја прифати одговорноста за трагедијата во Кочани откако ќе ги решат работите и дека тогаш од народот ќе ја побараат довербата. Според висок функционер од Владата, нема да биде изненадување ако со локалните се одржат и предвремени парламентарни избори.
Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески, на седницата за пратенички прашања се обрати до премиерот дали свесното и тенденциозно разводнување на истрагата е со цел да се попречи правдата и да се заштитат актуелни функционери што се директно виновни за пожарот во дискотеката.
– За пет месеци ќе почне кампањата за локалните избори. Граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија политичка кариера продолжува и во каков формат ќе продолжи. Тоа што играте на картата на кратко помнење, ве советувам дека нема да добиете политички поени. Истрагата ја води јавниот обвинител, не јас, не Владата. Ако обвинителот одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведе. Седум години нè затворавте, нè приведувавте и до денес ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители избрани од СДСМ. Ќе издржиме, па и затвор е за мажи. Да се вратам на бројките – 68 лица се опфатени во истрагата на Обвинителството, за разлика од „Модуларна болница“, „Ласкарци“ и „Беса транс“ каде што починаа 75 граѓани, а има нула осудени. Дали ќе бидат 168, не знам, ќе каже Обвинителството, заедно со судот, не јас, рече Мицкоски.
„Законот за правична застапеност е готов, се извинувам што порано не ве испратив во опозиција“
Пратеникот Блерим Беџети од ДУИ го праша премиерот Мицкоски кога ќе биде готов законот за правична застапеност, бидејќи министри од „Вреди“ постојано го најавуваат и се добива впечаток дека Владата „си игра мајтап“ со тоа законско решение. Тој побара Мицкоски да им се извини на Албанците за арогантното однесување од позиција на премиер, за оспорениот Закон за јазиците, за укинувањето на балансерот, дека за уши ќе ги вади и за изјавите за дестабилизација.
– Законот е готов од пред шест месеци и тој треба да биде усогласен со Уставот за повторно да не падне пред Уставниот суд. Верувајте, еднакво мислам и за Албанците, и за Македонците, Турците… дури и многу повеќе, оти јас не играм фудбалчиња и баскет по канцеларии. Ако некој треба да се извини, еве, му се извинувам на албанскиот народ што порано не ве испратив во опозиција. Закон има и јас лично гарантирам за правичната застапеност и дека никој нема да биде дискриминиран – рече премиерот.
Апасиев се среќавал со Палчо во „Опера хаус“ – објектот каде сега Левица има деловни простории и кафуле
Мицкоски изрази жалење дека пратениците на Левица не се во пленарната сала за да слушнат за, како што рече, таканаречениот подрум што го купиле во центарот на Скопје за багателна сума – дека открил оти не само што купиле партиски простории, туку и кафуле.
– Покрај тоа што уплатиле 5.000 евра кеш за регистрирање на Друштво за угостителски услуги „Павиљон 36“ дооел Скопје, како сопственик се јавува лицето Зоран Ивановски, кој е и управител и менаџер, кој се занимава со дејност ресторани, но и интернет-портали. Ако го извадите списокот од претседателството на Левица, ќе видите дека Ивановски е дел од него. Ако го слушате сведочењето за Палчо, ќе видите дека тие се среќавале во „Опера хаус“, а тоа е токму овој објект каде што е регистрирано новото кафуле. За други детали нема да зборувам, но сум подготвен на јавноста и на Левица да им разоткријам дека не е баш така како што тие се претставуваат. Со нивното дејствување се нанесува трајна штета на ткивото на македонскиот идентитет зашто тие удираат директно со поделбата по македонскиот идентитет – заклучи Мицкоски.