Мицкоски на 100 дена Влада: Македонија може во ЕУ и без срамни отстапки!

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека неговата Влада имала успешни 100 дена, иако била соочена со тешкотиите што ги наследила од претходната. Наспроти него од опозицијата обвинија дека оваа Влада им ставила крај на преговорите со ЕУ, ја изолирала и ја донела земјата во политички ќорсокак.

Премиерот Мицкоски е дециден дека Владата никогаш нема да отстапи од полноправното членство во ЕУ, но и дека никогаш нема да направи нешто што е спротивно на националните интереси и стратешки определби на граѓаните. Според премиерот, овие две стратешки цели не се во конфликт и можат паралелно да се реализираат – и да се зачуваат националните интереси и да влеземе во ЕУ. Тој смета дека Македонија не е сама на патот кон ЕУ (и покрај одлуката на Унијата за одвојување на Албанија) и дека земјата има многу пријатели.

– Оваа Влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните и на националните интереси и стратешки правци. Нема да направи ниту една отстапка која ќе биде допопнителен срам за граѓаните. Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе функциониреме како ваши слуги. Се додека ја имаме вашата поддршка ќе бидеме од ден на ден се подобри. Никогаш нема да остстапиме од втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. Двете овие стратешки цели можат паралелно една со друга да се реализираат и не се во конфликт, рече премиерот Христијан Мицкоски во отчетот по повод 100 дена Влада.

Тој не одговори конкретно за планот за понатамошниот пат на Македонија кон ЕУ и за различните изјави од министрите во неговата Влада – вицепрмеиерот Изет Меџити изјави дека е убеден дека до крајот на годината ќе има уставни измени, додека министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, пак, рече дека во Брисел нема расположение за македонскиот предлог за уставни измени со одложено дејство.

Премиерот истакна дека неговиот став е добро познат и дека не прифаќа промена на Уставот под уцени и диктат.

– Мора да се навикнете на политичари коишто се грижат за своите граѓани и работат за своите граѓани чесно и одговорно без истите да ги понижуваат и ограбуваат и потпишуваат договори на штета на своите граѓани. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите од земјите членки на Европската унија и дека тоа е правиот пат, простете, но јас не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи, рече премиерот.

Предлагаме уставните измени барани од Бугарија да важат како измените постигнати со Грција

Мицкоски повторно направи паралела меѓу Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и порача дека исто како што во Преспанскиот има условна клаузула дека името Северна Македонија ќе почне да се применува кога договорот за пристапување во НАТО ќе биде ратификуван во Парламентот во Грција, така и со Бугарија треба уставните измени да важат кога оваа земја ќе го ратификува пристапниот протокол за членството на Македонија во Унијата.

– Еве, ние почитуваме договори. Но, зошто тоа не важи и за договорот за добрососедство? Каде во него стои дека ние треба да го смениме Уставот, рече Мицкоски и сподели дека токму тоа го понудил унгарскиот премиер Виктор Орбан, иницијатива што Софија експресно ја одби.

– Треба да се разговара, преговара, додека не се постигне решение. Жалам што нашиот источен сосед не прифати посредување од Орбан. Јас стојам на располагање, ќе прифатам, нека кажат каде, ако е потребно да разговараме со денови, со часови, се да ставиме на маса и да го решиме ова еднаш засекогаш. Но, нема да бидам наивен и да влезам во процес  што не ни гарантира успешен крај, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека владината коалиција е стабилна и дека и покрај различните мислења за одредени прашања сите коалициони партнери се обединети околу стратешките прашања.

– Коалицијата има двотретинско мнозинство, ова не е коалиција што се бори за својата стабилност. Хармонијата и колегијалниот дух владее во коалицијата, на моменти нормално е да постојат и различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања. На опозицијата и порача да биде конструктивна и силна и наместо со обвинувања, да се натпреварува со политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните.

Нема со апсења да правиме естрада

Во однос на критиките за борбата против корупцијата или „зошто не апсиме“, премиерот Мицкоски порача дека нема од тоа да прави естрада и да манифестира моќ и политички реваншизам.

 – Ниту како човек, ниту како универзитетски професор, ниту како политичар, нема да дозволам од тоа да се прави естрада, да манифестирам сила, моќ и политички реваншизам. Човечки е да се простува, но и криминалот и корупцијата да бидат казнети. Но, за тоа има институции. Бидете трпеливи. Процесот е тежок, затоа што имаме партиски послушници во правосудниот систем. И тука не мислам на сите, туку на една мала група, рече премиерот.

Тој истакна дека рокот до 30 септември што го даде Владата помина, но за жал до нив не стигнал ниту еден конкретен предлог како треба да се одвива реформата во правосудниот систем, од оние што ги критикуваа нивните решенија.

Што е остварено за 100 дена?

Во отчетот за сработеното во првите 100 дена, прмеиерот Мицкоски ги спомна: зголемувањето на пензиите, странските инвестиции, проширувањето на позитивната листа на лекови, субвенциите за земјоделците, надминување на проблемите со учебниците, зголемена наплата на Царинската управа, надминување на проблемот со издавање на личните документи и друго.

На крајот Мицкоски рече дека целта не е само да се фалат и дека како Влада имале и гафови изминатите 100 дена. Но, дека е природно – кој работи и да греши и дека не треба да се земаат за зло грешките кои не предизвикале катастрофална штета, особено ако ведаш има корекција.

Останати вести