Стотици православни верници пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица” во Скопје ја пречекаа иконата на Пресвета Богородица -„Троерачица“, која пристигна од светогорскиот манастир Хиландар.
Иконата ја пречекаа Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и голем број свештени лица и верници. По вечерната богослужба се одржа литија низ центарот на Скопје на која се приклучија голем број на верници.
Иконата ја донесоа монасите Агатон, Атанасиј и Иринеј од Скопската епархија, во придружба на хиландарскиот игумен, архимандрит Методиј и дел од манастирското братството од Света Гора.
Оваа копија на оригиналната икона ќе биде трајно сместена во скопскиот храм „Св. Богородица“ покрај Вардар. Инаку Богородица се смета за заштитничка на Скопје.
Оригиналната икона „Богородица Троерачица“ важи за една од најстарите во светот. Му се припишува на еден од најзнаменитите богослови на христијанскиот свет – монахот и философ од арапско потекло свети Јован Дамаскин (675 – 749).
Нејзината специфика е во тоа што на неа има дополнителна „трета“ рака, на левиот агол од иконата, па оттаму и нејзиното име „Троерачица“. Се верува дека св. Јован Дамаскин го направил тоа затоа што му била отсечена десната рака, но откако ѝ се помолил на Пресветата Марија, таа му ја вратила отсечената рака на нејзиното место. И така, како благодарност за доживеаното чудо, тој направил сребрена рака и ѝ ја додал на иконата, во спомен на раката што Богородица му ја вратила.
Тогаш тој заминал да биде монах во еден од најдревните и најстари манастири во светот т.н. „Велика Лавра“, посветен на свети Сава Освештен, кој се наоѓа во Јудејската Пустина. После многу векови, во 1217 година во „Лаврата“ дошол царски син, монах, свети Сава Српски. Иконата му била дадена на свети Сава кој ја донел на дворецот на српските владетели.
Во 14 век била донесена во Скопје
Според преданијата чудотворната икона на Богородица Троерачица била донесена во Скопје во 1346 година, кога цар Душан го прогласил градот за своја престолнина. Била сместена во соборниот храм посветен на света Богородица (која се смета за заштитничка на Скопје), а за кој нема податоци каде точно се наоѓал.
Се смета дека иконата во 15 век, за да се заштити од Османлиските завојувања, била пренесена во манастирот Студеница. Откако овој манастир исто така станал цел на нападите на турските освојувачи, монасите, за да ја заштитат иконата, ја ставиле на едно магаре и му се помолиле на Бога тоа самото да ја однесе иконата на безбедно место. И така магарето од Студеница стигнало до Света Гора и застанало пред манастирот Хиландар (кој е српски). Хиландарските монаси со радост ја дочекале иконата и свечено ја внеле во манастирскиот соборен храм на Воведението Богородично и ја чувале во олтарот на храмот. Оттогаш до денес никој не ја помрднал од нејзиното место, таа постојано се наоѓа на игуменскиот трон – на местото игуменија – а секој надреден и духовен отец на братството зазема друго место, од страна, покрај иконата. Свештениците и, воопшто, сите монаси во манастирот се поклонуваат пред неа како игуменија на тој манастир пред да го почнат своето служење. Сите монаси што се наоѓаат под нејзиното игуменство ја прифаќаат како своја мајка, заштитничка и утешителка во различните тешки ситуации што ги носи монашкиот живот.