Министерството за одбрана на Македонија организираше пречек на припадниците од специјалните сили на Армијата кои учествуваа во хуманитарната спасувачка операција во Туркије. Тие таму престојуваа 13 дена и помагаа во спасувачките акции. Во трката со времето најголема радост беше спасувањето на 5-годишно дете од под урнатините.
– Добродојдовте дома! Во Турција ги испративме најдобрите, најобучените, најподготвените за справување со една ваква комплицирана и навистина тешка задача, ги поздрави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
– Ви благодариме што го спасивте младиот Сулејман и што му дадовте шанса да порасне во успешен млад човек. Ви благодариме за вашата пожртвуваност и што покажавте дека секогаш сте подготвени да му служите на нашиот народ, но и да им помогнете и на пријателите кога ќе се најдат во неволја.
Затоа, одлучивме да ве наградиме со исплата од една просечна плата. Она што го имате во вашите срца, она што го вложувате во секој ден и во секоја ваша наредна мисија е причина за гордост!
Нашите мисли и нашите молитви се со турскиот народ и како и досега ќе продолжиме и понатаму да им помагаме, истакна министерката.
– Нè направивте горди со помошта што ја дадовте – со овие зборови и претседателот Стево Пендаровски им се заблагодари на околу 60 припадниците на македонската Армија кои помагаа во Туркије по разорните земјотреси. Пендаровски посочи дека турскиот народ е благодарен за помошта, а за припадниците на АРМ немало никаква забелешка.
– Нашата Армија беше во првите пет што стигнаа на самото место, 24 часа по земјотресот. Вашето пристигнувања на самото место, залагањето 24/7, сите вие, сосе службените кучиња, беше нешто што само може да се посака секогаш кога вежбате, тренирате за лошо и арно. Не постои никаква забелешка ниту од локалното население ниту од другите. Како членка на НАТО мора да се фокусираме на следната фаза, а тоа е помош на оние што преживеаја. Но македонскиот народ ѝ помогна на Турција не бидејќи сме членки на НАТО туку затоа што пријателството трае со векови и ќе трае со векови. Сакам да убедам дека сме помагале и ќе помагаме, изјави Пендаровски.
Во име на владата на Туркије се заблагодари амбасадорот во Македојија Хасан Мехмет Секизќок.
– Храбри чеда на македонската армија, вашата пожртвуваност е врежана во меморијата на турскиот народ. На лице место сведочевте на разорноста на земјотресот, ја споделивте длабоката тага на турскиот народ, рече турскиот амбасадор.