НАМАЛЕТЕ ГО РИЗИКОТ ДА СТАНЕТЕ ЦЕЛ НА САЈБЕР КРИМИНАЛЦИ: Како да ги заштитите вашите уреди и сметки

 

Интернетот ви овозможува да одржувате контакти со пријателите и семејството, да учите на нови теми, па дури и да играте игри.

Исто како што го ставате сигурносниот појас пред да возите, треба да преземете мерки пред да користите интернет за бидете побезбедни. Од грабежи на виртуелни банки до полуотворени напади од национални држави, ИТ безбедноста е под закана во последните неколку години.

Што е сајбер напад? Тоа е напад од еден или повеќе компјутери на друг компјутер или мрежа. Сајбер нападите може да се поделат на два главни типа: напади во кои целта е да се исклучи целниот компјутер или да се оневозможи да се добие пристап до податоците на целниот компјутер или мобилен телефон и евентуално од нив да се добијат администраторски привилегии.

Австралискиот центар за сајбер безбедност (Australian Cyber Security Centre – ACSC) сака да осигура сите луѓе да бидат безбедни кога се на интернет. Во овој текст се опфатени некои основни работи за сајбер безбедноста кои можете да ги правите за да се заштитите кога користите интернет.

Сајбер криминалците незаконски влегуваат во уредите користејќи познати слабости на системите и апликациите. Новите верзии на софтвер имаат надградби за безбедност со цел отстранување на овие слабости. Вклучете го автоматското надградување за да не мора да го правите тоа рачно.

МУЛТИ-ФАКТОР АВТЕНТИКАЦИЈАТА (MFA) ја подобрува вашата безбедност со тоа што повеќе им отежнува на сајбер криминалците да имаат пристап до вашите датотеки или сметка.

Активирајте ја MFA, почнувајќи од вашите најважни сметки:

Имејл сметки, интернет банковни сметки и сметки со зачувани податоци за плаќање и сметки на социјалните медиуми

Резервна копија (backup) е дигитална копија на зачуваните информации во вашиот уред, како што се фотографии, документи, видео- записи и податоци од апликации. Тие може да се зачуваат во надворешни уреди за чување на податоци. Правењето резервни копии значи дека можете да ги обновите вашите датотеки во случај ако вашиот уред некогаш е загубен, украден или оштетен.

Единствената работа што може да ги заштити вашите информации и сметки од криминалци е безбедна лозинка во форма на фраза (passphrase). Ако лозинката од еден збор става катанец на вашата сметка, лозинката во форма на фраза ѝ дава сопствен безбедносен систем! Овие лозинки се појаки и побезбедни верзии на лозинките од единечни зборови.

За лозинка користете фраза од четири или повеќе случајно избрани зборови. Заменете ги вашите лозинки од единечни зборови со лозинки во форма на фрази и осигурете се тие да бидат:

Долги: Колку е подолга фразата што ја користите како лозинка, толку подобро. Таа треба да има најмалку 14 букви и бројка;

Непредвидливи: Користете комбинација на случано избрани зборови кои не се поврзани;

Единствена: Не ги користите лозинките во форма на фрази на повеќе сметки.

Сајбер криминалците користат имејл, СМС пораки, телефонски повици и социјални медиуми за да ве прелажат да отворите прилог, да посетите веб-страница, да откриете детали за пријавување на сметка, да откриете чувствителни информации или да префрлите пари или подарок-картички. Овие пораки се направени да изгледаат како да биле испратени од поединци или организации кои мислите дека ги познавате или мислите дека треба да им верувате.

За да откриете пораки кои се измами, застанете и размислете:

– Дали во пораката се тврди дека таа е од службено лице?

– Дали ви е кажано дека имате ограничено време да одговорите?

– Дали пораката предизвикува да чувствувате паника, страв, надеж или љубопитност?

– Дали пораката нуди нешто што тешко се наоѓа?

– Дали пораката е во врска со актуелни вести, големи настани или одредено време во годината (на пример, време за пријавување на данок)?

За да проверите дали пораката е легитимна:

Вратете се на нешто во кое имате доверба. Посетете ја официјалната веб- страница, пријавете се на вашата сметка или телефонирајте на нивниот огласен телефонски број. Не ги користете врските или податоците за контакт наведени во пораката што ви била испратена или дадена преку телефон.

Проверете за да видите дали официјалниот извор веќе ви има кажано што нема никогаш да ве прашуваат. На пример, вашата банка можеби ви кажала дека никогаш нема да ја побара од вас вашата лозинка.

Сега кога сте ‘вооружени’ со знаење како побезбедно да користите интернет, можете да пребарувате со доверба и да продолжите да уживате во времето што го поминувате онлајн.

Само запамтете, сајбер криминалците секогаш изнајдуваат нови начини да ги измамуваат луѓето.

Никогаш нема да ви наштети одвреме навреме да го освежувате вашето познавање на сајбер безбедноста и да научите нови начини како да бидете безбедни.

Останати вести