На натпреварот што се одигра во петокот малку фалеше да се расипе рекордот на Престон Македонија со Данденонг Сити – тим од кој никогаш нема загубено. Буквално во последните моменти беше израмнет резултатот за поделба на бодовите.
Средбата започна добро и први на средбата до водство стигнаа “лавовите” со извонредниот лоб удар на Лејтон Брукс во 26 минута. Тој мудро го казни излезениот голман на домаќинот за 0:1. Следеа неколку добри шанси за Данденонг но сигурен беше голманот на Престон Македонија и не дозволи изненадување.
Во второто полувреме Џејми Лејтам во 77 минута направи добар продор во казнетиот простор и имаше лесна задача да ја затресе мрежата за 1:1. Поминаа четири минути и Атиу Кењок добро се најде пред голот и постави водство за Данденонг Сити од 2:1. По овој ненадеен пресврт нашата екипа се најде соочена со можноста да се забележи пораз, но тоа не го дозволи Џорџио Серденес кој во 92 минута го постави конечниот резултат 2:2.
Во петок, на 21 февруари, се игра македонското дерби и Престон Македонија ја пречекува Алтона Маџик Вардар со почеток во 19 часот.