Национална премиер лига на Викторија, 5 коло, Престон Македонија – Саут Мелбурн 2:0

Минатиов петок над девет илјади навивачи беа присутни на стадионот на “лавовите” во Резерво, што навистина е импресивна бројка, не само за НПЛ туку и за некои натпревари од А–лигата. Вечерта спортскиот коплекс блескаше покрај верните навивачи и огромна нова сила на млади во боите на Престон Македонија. Пред почеток на средбата му се оддаде почит на поранешниот претседател на клубот Роберт Колевски, кој почина на 41 година и беше еден од најгласните навивачи на Престон Македонија.

Натпреварот помеѓу двата клуба  беше долго очекуван како дерби на колото помеѓу два лути ривали кои после долго време се најдоа во иста лига и потсетуваше на времето кога се играше во Националната лига на Австралија. Управите на двата клуба се погрижија атмосферата да биде релаксирана со оглед на поранешното минато кога се судираа македонските и грчките навивачи.

Првото полувреме се играше без голови но имаше повеќе интересни моменти пред голот. Во второто полувреме голманот на гостите Џонатан Питулас направи прекршок за кој доби црвен картон и беше досуден пенал. Резултатот го отвори Џиан Албано во 57-мата минута со атрактивен гол од белата точка изведен во стил на Паненка, а потоа во 81-вата минута Албано му асистираше на  Лејтон Брукс, кој зголеми на 2:0. За голгетерот Лејтон ова е четврт гол оваа сезона од пет одиграни натпревари.

Престон Македонија играше во состав: Фалино, Андерсон, Пеос, Брукс, Џего, Божиновски, Скот, Нигро, Ромеро, Кубилај и Албано.

Во сабота, на 15 мат, Престон Македонија гостува кај лидерот Авондаел со почеток во 15 часот.

ТАБЕЛА
Авондаел 15
Престон Македонија 11
Хјум Сити 10
Данденонг Тандер 10
Окли 7
Хајделберг 7
Саут Мелбурн 7
Данденонг Сити 6
Сент Албанс 4
Алтона Маџик 4
Порт Мелбурн Шаркс 3
Мелбурн Најтс 3
Мелбурн Виктори 2
Грин Гали 2

Останати вести