Додека се очекува со законски измени да се реши прашањето со имињата на веќе отворените бугарски клубови “Ванчо Михајлов“ (Битола) и “Цар Борис Трети“ (Охрид), познато е дека во завршна фаза е отворањето на уште еден во Богданци и би требало да го носи името на Цар Фердинанд (таткото на Борис Трети).
Сите подзабораваме дека во Охрид одамна беше регистрирано уште едно бугарско здружение – “Радко“, формирано во 2000 година, кое сега е сосема неактивно (по смртта на неговиот основач) но своевремено го “поплочи“ патот за отворањето на денешниве. Името Радко е најпознатиот псевдоним на Ванчо Михајлов и заради тоа во 2001 ова здружение беше укинато со одлука на Уставниот суд на Македонија. Но, во 2009 го доби спорот пред Судот за човекови права во Стразбур, кој донесе пресуда со образложение дека “е прекршена Европската конвенција за човекови права“. Ова образложение е истото што стои и во оние 14 пресуди што Македонците од другата страна на границата, во Бугарија, ги добија од Стразбур во изминатите децении. Но, за разика од Бугарија, која досега не испочитува ниедна од тие пресуди, Македонија сепак го регистрираше “Радко“.
Деновиве во дел од медиумите во Македонија беше разгледувана темата дека “Радко“ со години не доставува завршна сметка до Централниот регистар, повикувајќи се на законските одредби оти граѓански асоцијации не се обврзани доколку вкупниот годишен промет во изминатата година не бил поголем од 2.500 евра (околу А$3,750) во денарска противредност. Всушност, ова здружение нема никаква активност и се брои само на хартија. И онак беше формирано само за пропаганда.
Извори блиски до спонзорот на бугарските клубови во Македонија, софискиот бизнисмен Милен Врабевски, најавија е дека се готви отворање на уште еден “во серијата“ – и тоа во Ресен. Нема најави како ќе биде именуван, но треба да се претпостави дека ќе го носи името на Христо Татарчев. Од историјата знаеме дека тоа е првиот претседател на ВМРО од 1893 година, кој бил роден во Ресен а кој себеси целиот живот етнички се декларирал како (Македоно-)Бугарин.
Д-р Татарчев не бил воен лидер на Организацијата (иако облекол бугарска униформа за време на војните 1912-1918, како впрочем и сите припадници на ВМОРО, но бил лекар во чин потпоручник). Сепак постојано бил во центарот на настаните за независна Македонија (која ја гледал како втора бугарска држава). Морал да побегне од Бугарија по формирањето на Македонската федеративна револуционерна организација, поточно по судирот со Александар Протогеров. Заживеал во Торино (Италија) каде подоцна и починал, иако во периодот 1941-1943 поминал две години во Ресен а по создавањето на македонската држава во 1945 уште три дена. Побегнал за Бугарија кога го предупредиле дека УДБА се готви да го уапси.
Трикот со употребата на неговото име за бугарски културен центар во Ресен би била во дијапазонот: од апсурд до целосна иронија, дури далеку поголема од истакнувањето на фирмата со “Ванчо Михајлов“.
Зашто тој:
– прво, не бил фашист (Ванчо Михајлов во 1944 му понудил да стане претседател на обединета Независна Македонија но Татарчев одбил) ама јасно се декларирал како етнички Бугарин од Македонија;
– второ, неговото име е изгледа неспорно па дури и амблематично во Македонија: седумкатната зграда во која е седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се вика “Палата д-р Христо Татарчев“, има улици именувани по него, па дури и голем споменик во Скопје веднаш до Порта “Македонија“ (од другата страна е вториот “татко на нацијата“ – Павел Шатев);
– на крајот им оди на рака и на оние кои велат дека Бугарите се Татари, зашто и самото негово презиме кажува дека е Татар-чев (нели?).