Најнови вести за планот за вакцинација против КОВИД-19

Австралиската програма за вакцинација против КОВИД-19 е проширена за деца на возраст од 5 до 11 години. Причината за тоа е што Австралиската влада ги прифати препораките на австралиските стручњаци за имунизација, Австралиската техничка советодавна група за имунизација (ATAGI).

ATAGI исто така препорачува бустер доза на вакцина против КОВИД-19 за лица на возраст од 18 години и постари.

Читајте понатаму за да дознаете зошто е важно да ги вакцинирате вашите деца и како бустер дозите ќе помогнат да ја одржувате вашата заштита против КОВИД-19.

Зошто е важно да се вакцинираат деца на возраст од 5 до 11 години против КОВИД-19?

На 5ти декември 2021, Администрацијата за терапевтски производи (TGA) привремено ја одобри употребата на педијатриската вакцина Comirnaty (Pfizer) за деца на возраст од 5 до 11 години во Австралија. TGA е составена од научници и медицински стручњаци кои ги регулираат и одобруваат сите вакцини, лекарства и други медицински производи за употреба во Австралија.

Привременото одобрување на TGA беше засновано врз внимателна проценка на достапните податоци во поддршка на безбедноста и ефикасноста на вакцината Pfizer кај оваа старосна група.

Вакцинирањето е најдобриот начин да се заштитат децата да не станат тешко болни од КОВИД-19. Тоа ќе помогне да се намалат шансите тие да им пренесат КОВИД-19 на нивните семејства и во заедницата. Тоа исто така ќе им помогне на децата да се вратат на нормален живот без прекини на училиште, во спортски и други активности.

Ако сте родител, негувател или старател, ќе можете да бидете сигурни во вакцинирањето на вашите деца против КОВИД-19. Ќе направите сè што е можно да ги заштитите вашите деца од овој вирус.

Децата ќе можат бесплатно да се вакцинираат во докторски клиники, државни клиники за вакцинација и аптеки кои учествуваат во програмата за вакцинација.

Термини за вакцинација на деца на возраст од 5 до 11 години се достапни од 10ти јануари 2022. Најдете локален доставувач на вакцини и закажете термин на australia.gov.au или јавете се на 1800 020 080. За преведувачки услуги, јавете се на 131 450.

Важноста на бустер дозите на вакцините против КОВИД-19 

Луѓето на возраст од 18 години и постари во Австралија можат да примат бустер доза на вакцина против КОВИД-19 за да одржат максимална заштита против КОВИД-19.

Две дози на вакцина против КОВИД-19 нудат многу добра заштита, посебно од тешка болест. Бустер доза ќе осигура заштитата од првите две дози да биде уште поголема и подолготрајна. Таа ја зголемува вашата заштита од инфекција со вирусот што предизвикува КОВИД-19, тешка болест и смрт од КОВИД-19. Бустер дозата ќе продолжи да ве заштитува вас, вашите најблиски и вашата заедница од КОВИД-19.

Бустер дозите со вакцините Pfizer и Moderna се бесплатни и достапни кај докторите, аптеките кои учествуваат во програмата за вакцинација и државните клиники за вакцинација.

Бустер дозите сега се препорачуваат за лица со сериозно нарушен имунитет. Ако сте ја примиле третата доза од вакцината против КОВИД-19, се препорачува да ја примите бустер дозата 4 месеци откако сте ја примиле третата доза. Од 31ви јануари 2022, ќе можете да ја примите вашата бустер доза 3 месеци после третата доза. 

Можете да дознаете повеќе за програмата за вакцинирање со бустер дози против КОВИД-19 и да проверите кога можете да закажете термин да примите бустер доза ако ја посетите веб-страницата australia.gov.au или ако се јавите на 1800 020 080. За преведувачки услуги, јавете се на 131 450.

Овластено од Aвстралиската влада, Канбера.

Останати вести