На кој начин назначувањетона Шекеринска во НАТО ќе и помогне на Македонија?

Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, е назначена за заменик-генерален секретар во НАТО, објави Алијансата. Таа е првата жена од Западен Балкан која доаѓа на висока позиција во НАТО, а функцијата треба да ја преземе најдоцна до крајот на годината. 

По објавата, Шекеринска на социјалните мрежи напиша дека ќе и биде привилегија да работи за доброто на Алијансата. За новиот генерален секретар Марк Руте (поранешен премиер на Холандија) беше приоритет пополнувањето на заменичкото место, кое до неодамна го држеше Мирчеа Геоана (Романија). Преовладуваше ставот дека ова место треба да го добие земја од Централна или Источна Европа. Во најтесниот избор за заменик-генерален секретар на НАТО беше и бившата бугарска еврокомисарка од ГЕРБ, Марија Габриел.

Во март 2020 година, кога се ратификуваше пристапувањето на Македонија во НАТО, Шекеринска беше министер за одбрана. Таа по речиси две децении се повлече од македонската политичка сцена, во декември 2021 година, откако СДСМ ги изгуби локалните избори.

Изборот на Шекеринска за втор човек во НАТО предизвика голем број позитивни реакции како во македонската јавност, така и надвор. Сепак, се поставува прашањето дали и на кој начин ова ќе ѝ помогне на Македонија и дали се очекува некаква промена во положбата на земјата, особено на европскиот пат.  

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин, вели дека ова назначување е големо признание за Шекеринска, но, исто така и за нашата држава во моменти кои што се напнати во делот на геополитиката. 

– Ова е добра вест и за европските амбиции на Македонија бидејќи голем број од експертите на Алијансата се исто така и експерти во ЕУ. Воедно самата Шекеринска во улога на заменик-генерален секретар ќе има значајна лобистичка позиција и затоа тоа е придонес и кон овие прашања и лобирањето за нашиот полесен пат кон европското семејство. За прашањето со Бугарија е немоќна бидејќи тоа е институцијата ЕУ во прашање, а не се лични контакти, објаснува Ружин во разговор за порталот „Локално“.

Според него, нејзината улога ќе биде повеќе од политички аспект бидејќи генералниот секретар на НАТО Руте е политичка фигура а таа ќе ги следи настаните.

– Заменикот на генсекот повеќе е насочен кон политиката на Алијансата на одредени простори и ги дели позициите кои што ги поседува генералниот секретар. Учествува на сите состаноци на Алијансата како втор човек. Верувам дека нејзиниот избор не е случаен. Веројатно безбедносните информации за Шекеринска се мошне позитивни, дека е проевропски и проатлантски ориентирана и секаде каде што не може да стигне генсекот, таа ќе оди наместо него. Често и двајцата заедно одат на разни средби, пред се мислам по државите-членки, но и државите аспиранти, во напнатите простори како Косово, БиХ… Убава вест е што од оваа средина конечно Алијансата ќе има висок функционер и мислам дека со успех ќе го изврши, потенцира соговорникот.

Да пукнат во Софија од мака!?

Како што објавија дел од западните медиуми, конкуренција на Шекеринска ѝ беше поранешната бугарска премиерка, Марија Габриел. Дел од бугарските медиуми со неверување пишуваа за именувањето, иако бугарскиот претседател Румен Радев беше еден од странските политичари кој ѝ честиташе на поранешната претседателка на СДСМ.

– Не би го нарекол ова за „мала победа“ на Македонија над Бугарија. Софија има неколку функционерки во меѓународните институции. Тоа не е никаква победа, тоа е само логичен след на настаните. Нема конкуренција, не е како во внатрешната политика – се земаат во предвид сите аспекти кои ги оценуваат одговорни тимови и луѓе кои што ги хранат со информации тие што одлучуваат во НАТО, како постарите земји-членки и основачи. Да не беше Преспанскиот договор и да не го решевме проблемот со името, Шекеринска немаше да биде на оваа функција и ние немаше да биде дел од Алијансата. Ова е омаж и за сето тоа што нашата држава го правела како жртва, политика и стратегија во изминатите повеќе од 30 години како независни, тврди Ружин.

За долгогодишниот политичар и поранешен претседател на Собранието, Тито Петковски, за Шекеринска вели дека е упорен и доследен борец во изградба на институциите на државата, особено во безбедносниот сектор и надворешната политика.

– Шекеринска може да одговори со успех. Ова е можеби една од највисоките меѓународни позиции што некој Македонец ја имал. Тврдам дека не сме имале подобро меѓународно етаблиран политичар од тоа што е Шекеринска. Ужива меѓународен углед долги години наназад. Не сме свесни што тоа значи. Каков човек добиваме на таква истурена позиција и во лобирањето за нашите аспирации за ЕУ, истакнува Петковски за порталот „Локално“.

– Мене ми е очекувана реакцијата од Бугарија бидејќи не признава Македонија, нација и идентитет и одеднаш Македонка станува втор човек на НАТО… Знаете каква е тоа победа на Македонија и удар за Бугарија. Тоа ќе значи друг аспект на македонско-бугарските односи. Шекеринска не ја претставува само Македонија во НАТО. Таа политика на НАТО мора да се рефлектира насекаде. Ова може да се искористи за силен продор на Македонија. По ова, нема никаква дебата и дискусија во ЕУ кои сме, што сме, дали имаме право, свој јазик… Готово, завршена работа е, заклучува Петковски.

Шекеринска излегува на друго ниво на ветрометина. А за љубопитните нашинци ќе спомнеме дека платите за нависоко рангираните позиции во НАТО изнесуваат околу A$350,000 годишно, што не значи дека на тоа е ограничена и платата на ген-секот Руте односно неговата заменичка

Останати вести