На листата на Трамп за протерување од САД има 341 државјанин на Македонија

Со преземањето на функцијата на 20 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп започна со акции за депортација на мигрантите кои се без дозвола за престој во САД и покрај бурните реакции на здруженијата за човекови права. На листата на мигранти со конечни наредби за депортација се и 341 македонски државјанин. Овие податоци се од Имиграција и царина на САД (ИЦЕ) од ноември 2024 година, објавени од „Фокс“ телевизијата.

На листата за депортација се вкупно 1.445.549 граѓани од над 200 земји од светот, меѓу кои и од Македонија и земјите од Балканот.

За справувањето со нелегалните имигранти САД има посебна Агенција (полиција) – ICE – тоа е се службеници со посебни овластувања за имиграција и царина кои имаат задача да идентификуваат и фаќаат недокументирани имигранти, ги задржуваат овие лица и ги депортираат од Соединетите Држави.

Се проценува дека 11 милиони мигранти без документи живеат во САД. Според објаснувањето на ICE има повеќе причини зошто овие странци се уште не се депортирани. Најчесто тоа е поради тоа што им се решаваат барањата за азил, се повикале на Конвенцијата за заштита од тортура или се водат некои други постапки.

Освен тоа, некои земји воопшто не покажале воља за соработка со САД во депортацијата на нивните граѓани.

„Владата на САД бара странските влади да преземат соодветни чекори за да го потврдат државјанство на недокументирани лица за кои постои сомневање дека се нивни државјани, што вклучува и водење интервјуа, навремено издавање патни исправи и прифаќање на физичкото враќање на нивните државјани со редовни комерцијални или чартер летови во согласност со ICE и/или упатства за отстранување на странска влада. Недостигот на соработка од земјите во прифаќањето на враќањето на нивните државјани може да доведе до ICE класифицирање на тие земји како некооперативни или изложени на ризик од неусогласеност. Во моментов, ICE смета дека 15 земји се некооперативни а 11 земји се изложени на ризик од неусогласеност“, пишува во официјалната информација од Имиграција и Царина на САД.

Како што објави Гласот на Америка (ВОА), „американскиот Конгрес веќе донесе построг закон за миграција. Според законот, мигрантите без важечки статус на престој сега треба да се држат во центри за имиграција не само за тешки кривични дела, туку и за помали прекршоци – на пример, кражба во продавници. Само во првата недела од вториот мандат на Трамп беа уапсени речиси 2.400 мигранти, американската агенција за заштита на границите ICE сега ги објавува новите бројки. Се вели дека апсењата првенствено се насочени кон имигрантите со криминални досиеја“.

Постапката за протерување на нелегалните мигранти е следна: по апсењето, американски суд одлучува за депортација на мигранти кои немаат валидни документи за престој. Доколку се донесе одлука за нивно депортирање, тие се носат во нивните земји на потекло со авиони на американската армија или цивилни авиони и се предаваат на тамошните власти.

Стратегијата на Трамп  е да го зголеми бројот на апсења и да ги врши депортирањата уште побрзо. Една од неговите први активности беше затворањето на апликацијата CBP One, која им дозволуваше на мигрантите да поднесуваат барања за азил и да закажуваат состаноци преку интернет. Како резултат на исклучувањето, беа откажани и термините за азил кои веќе беа договорени.

Според американското законодавство илегалните и мигранти не прават кривично дело туку граѓански прекршок. Кривично дело е ако повторно бидат фатени како илегалци во САД откко биле еднаш депортирани.

Иако се тврдеше дека грото од нелегалните имигранти се всушност и криминалци, според досегашните податоци од 3.500 депортирани со досиеја биле 52%.

Трамп веќе наложи нашироко познатиот затвор Гвантанамо да биде местото за сместување на илегалните мигранти. Но, не сите во Америка се согласуваат со ваквата политика на Трамп. Има градови и региони кои се прогласија како градови – прибежишта на мигранти.

Меѓу 1.5 милион лица за итна депортација 8.675 се од Балканот

Трамп вети во предизборната кампања дека ќе депортира скоро 1.5 милион илегални имигранти што е можно побрзо. Се работи за лица за кои се завршени сите правни можности во САД. Според податоците од ноември 2024 година, објавени на веб-страницата на Американската служба за имиграција, веќе се издадени конечни решенија за депортација на 261 Австралиец, 572 Германец, 120 од Шведска, 60 од Швајцарија ама и 1.874 од Албанија, 3.103 од Туркије, 1.307 од Романија, 166 лица од Босна и Херцеговина, 727 од Бугарија, 126 од Хрватска, 211 од Грција, 118 од Косово, 68 Црногорци, 114 од Србија и 16 од Словенија (земјата на Меланија Трамп). Интересно е што САД имаат намера да депортираат 845 лица во Југославија!?

За десетина дена по стапувањето на функцијата на Трамп, вкупно над 3.500 нелегални имигранти, претежно од Латинска Америка, веќе се депортирани. Некои од владите на Латинска Амерка беа огорчени бидејќи САД ги депортираа нивните државјани со синџири на рацете и нозете.

Според списоците на американската администрација најмногу регистрирани нелегални имигранти има од Латинска Америка (6-7 милиони: 4 милиони од Мексико, 750 илјади од Салвадор…). Од Индија има 725 илјади, од Кина 375 илјади, 130 илјади од Филипини…

Гвантанамо ќе биде логор за 30.000 мигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека во заливот Гвантанамо ќе биде подготвен објект за 30.000 мигранти, кој ќе им биде доверен на Пентагон и Министерството за внатрешна безбедност.

Во американската поморска база во тој залив на Куба е сместен објект за мигранти кој со децении се користи наизменично, вклучително и за сместување на државјани на Хаити и Кубанци спасени на море.

Затворот Гвантанамо беше основан во 2002 година од тогашниот претседател Џорџ В. Буш за странски осомничени милитанти по нападите врз Соединетите Држави на 11 септември 2001 година. Во него сè уште има 15 затвореници.

Но, мигрантскиот објект е одделен од тој озлогласен затвор со високо обезбедување за странци, осомничени за тероризам.

Трамп објасни дека објектот ќе се користи за „приведување на најлошите криминални нелегални странци кои му се закануваат на американскиот народ“. „Некои од нив се толку лоши што не ни веруваме дека нивните земји ќе ги задржат затоа што не сакаат да се вратат, па ќе ги испратиме во Гвантанамо. Тоа веднаш ќе го удвои нашиот капацитет, нели? Веднаш и силно“, рече тој.

Останати вести