На мечот Србија-Швајцарија беа покажани 11 жолти картони, најмногу по финалето во 2010!

Натпреварот помеѓу Србија и Швајцарија е еден од најгрубите натпревари во историјата на Мундијалите, барем така покажува статистиката. Швајцарија победи со 3:2 во меч со пресврти и се пласира во осминафиналето. Србија со само еден бод го заврши настапот.

На овој меч судијата имаше многу работа – покажа дури 11 жолти картони од кои седум за Србите, а четири за Швајцарците. Тоа се најмногу покажани жолти картони на еден меч од СП по финалето на Мундијалот 2010 година помеѓу Шпанија и Холандија. Во тој меч кога Шпанија победи и стана светски првак беа покажани 12 жолти картони, меѓутоа во 120 минути игра.

Во Доха дуелот ескалираше во финишот кога се спречкаа неколку фудбалери. Џака се фати со рака за половиот орган обраќајќи се на клиупата на Србија. Во таа ситуација на Србите “им се споија жиците“, буквално цела клупа скокна и сакаше да влезе на терен да се пресмета со Џака, кој се повлече. Селекторот Стојковиќ излета на теренот за да ги смири своите фудбалери и да ги врати на клупата. “Пожолтеа“ Миленковиќ, Лукиќ кај Србите и Џака и Шар кај Швајцарците.

А Џака повторно беше во центарот на вниманието и во судиското продолжение, кога за малку ќе дојдеше до тепачка во која уште еднаш беше вклучен истиот фудбалер.

Останати вести