На меѓувладината конференција меѓу Македонија и Косово (во понеделникот) одржана во Приштина, по повод 15 години од воспоставување на дипломатските односи, беше забележан преседан – официјалните позадини, банери и информативни материјали беа презентирани само на албански јазик, без превод или употреба на македонскиот јазик кој според закон е единствен официјален јазик на државата за надворешна употреба. За споредба досега на меѓувладините конференции со други земји, како Црна Гора и Унгарија, практиката беше документите да се презентираат двојазично, на македонски и на јазикот на партнерската земја.
Курти си игра таш*ци: Во Македонија албанскиот јазик не е под закана, зашто не е официјален!?
Од друга страна косовскиот премиер Аљбин Курти предивика остри реакции од Али Ахмети и Бујар Османи затоа што изјави дека во Македонија албанскиот јазик не бил загрозен. А тој, пак, очигледно си играше со јавноста па одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Курти за оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците пред Уставниот суд на Македонија рече:
– Тоа е случај на Уставниот суд во С Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети. Треба да чекаме правична одлука на Уставниот суд. Во С Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик бил официјален и сега е загрозен. Тоа не е точно. Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во С Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана, рече Курти.
Точно е дека во Македонија не постои закон што се вика „за албанскиот јазик“, но албанскиот е целосно паралелен во државата: од цените во супермаркетите, етикетите на производите, упатствата во лековите… преку патоказите и официјалните табли на институциите па се до водењето на Собранието и објавувањето на сите закони во „Службен весник“. Официјалноста на српскиот јазик во Косово не се гледа никаде освен со некаква лупа.
Инаку косовскиот премиер уште додаде дека не верува оти меѓуетничките разлики можат да предизвикаат повеќе конфликти на Западен Балкан.
– Ние сме една нација, Албанците каде и да се, имаме еден идентитет и еден јазик, но не можеме да имаме една политичка партија, заклучи косовскиот премиер кој на последните избори во Македонија ја поддржа коалицијата „Вреди“ наспроти ДУИ.