Обраќање на академик Љупчо Коцарев на одбележувањето на Денот на МАНУ
Регулирањето на македонските прашања поврзани со идентитетот и историјата нашите политичари им го отстапија на Бугарија и Грција, а со склучувањето и исполнувањето на договорите со овие две земји се врши културен геноцит врз Македонците. Ова е дел од пораките на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев кој се обрати по повод Одбележување на Денот на МАНУ.
Според Академик Коцарев, Македонија е разединета по многу основи, а мала е веројатноста да стане рамноправна членка на ЕУ и во следните 30 години.
Првиот човек на МАНУ им порача на политичарите да отстапат место за други оти креираат политика без перспектива, па сега Македонија е земја без надеж, а животот во неа неподнослив.
Во своето обраќање Коцарев се осврна и на нефунционалната и партизирана администрација, па предлага да се развие национална стратегија за развој на државата и да се донесе закон со кој ќе се одземат ингеренциите на Министерствата.
Во продолжение пренесуваме поголем дел од говорот на академик Коцарев за Денот на МАНУ:
“…Македонските политичари создадоа токму таков симулакрум од македонското општество, или според постмодернизмот, копија која, иако нема оригинал во стварноста, стана вистина самата по себе: хиперреалност. Таква хиперреалност, за жал, опстојува само во мислите на грст недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци, што погрешно себеси се нарекуваат политичари, а кои не сфаќаат што значи, всушност, умешност да се води политика, и на нивните апологети. Тоа, од една страна, создаде конфузија, посебно меѓу младите, што може да значи почеток на крајното разнебитување на Македонија, а од друга страна, креирањето бесперспективна политика за сите граѓани направи Македонија да стане земја без надеж и без соништа, а животот на нејзините жители неподнослив.
Всушност, според моето мислење, Денот на независноста на Македонија требаше да се одбележи под мотото „Разединети во потчинетоста“.
Инаку, да се потсетиме дека антоним за потчинетост е сувереност. И по триесет и една година независност, за жал, македонските таканаречени политичари и нивните апологети не научија што значи поимот суверенитет. Дел од суверенитетот на секоја држава, па така и на Македонија, го вклучува ексклузивното право на државата да ги регулира своите внатрешни работи, меѓу кои јазикот, националноста, идентитетот, образовниот систем и да ја негува и развива историската наука. За Македонија е погубно тоа што, за жал, одредени лица, како носители на разни општествено одговорни функции, поради лични, партиски и клиентелистички интереси, регулирањето на македонските прашања поврзани со идентитетот и историјата им го отстапија на надворешните фактори, а пред сè, на Грција и на Бугарија.
За неуставните, нелегалните, бесмислените и понижувачките договори со Грција и со Бугарија сум говорел повеќепати, не само јас туку и многу други личности со темелни познавања и со интегритет, така што тука нема потреба да се повторувам, освен да ве потсетам на мислењето на МАНУ пред 20 години: „МАНУ ги смета за сосема основани и ги поддржува предлозите… за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Бугарија и Албанија.., но и во Република Грција каде што живее бројно македонско национално малцинство“…
… Во врска со синтагмата „разединети во потчинетоста“, остана уште да го објаснам зборот „разединети“. Македонија е разединета по многу основи, па затоа државата не функционира веќе подолго време во континуитет. Причината за тоа е повторно иста: македонските недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци што погрешно себеси се нарекуваат политичари, поточно нивниот подреден однос кон политичарите од други етнички немнозински заедници или, поконкретно, кон албанските политичари. Во Македонија веќе повеќе години прашањата поврзани со владеењето на правото се подложни на политичко толкување и на политички договор, а таков пример беше и неодамна извршениот попис на населението, како еден пример за практикување на погрешно решавање на проблемите или на нивно создавање (со вклучувањето на нерезидентното население при креирањето развојни политики на земјата), практика пресудна за иднината на државата, а тоа еднаш засекогаш треба да престане. Тоа создаде држава со партизирани институции, преобемна администрација, нефункционално здравство, образование и правосудство, вработување и напредување не по заслуги, туку со користење бесмислени алатки и незаконски процедури, владеење на беззаконието, погазување на Уставот, законите и процедурите, при што Уставот, законите и процедурите се толкуваат произволно и во сопствена корист, без разлика што во Македонија постојат институции надлежни да судат дали е нешто уставно, законско и дали се испочитувани процедурите.
Залудни се сите обиди на мултикултурализмот за надминување на национализмот, залудни се сите политики засновани врз поставување на конструктивност во меѓусебните релации и насочени кон зајакнување на комуникациите и меѓуетничката интеграција на граѓаните, залудни се сите промени во учебниците, залудни се сите обиди за соживот, јазот меѓу Албанците и Македонците сè повеќе се продлабочува. Додека македонската кауза и борбата за постоење на македонскиот идентитет, народ и јазик веднаш се прогласуваат за национализам, албанските партии вешто ја користат албанската кауза. Македонија не може да опстане ако за албанските партии де факто постојат само два исхода од преговорите за формирање или за опстојување на владата: или ќе биде тоа што тие го бараат или влада нема да се формира или да опстојува. Тоа не е демократски пристап, но за жал, повторно за тоа исклучиво се виновни македонските недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци, кои себеси погрешно се нарекуваат политичари.
Во периодот од 1993 до 2021 година, просечно, годишно, реалниот раст на домашниот бруто-производ изнесува само 1,7 %, што не овозможи позначително стеснување на јазот во однос на просекот на овој параметар во Европската Унија. Јавниот долг на Македонија, пак, и покрај тоа што бележи значително и загрижувачко зголемување, од 23 % во 2008 година на речиси 60 % во октомври 2022 година, достигнувајќи го плафонот на својата одржливост, сепак не обезбеди побрз економски раст и развој. Наместо мала и ефикасна, администрацијата во Македонија постојано се зголемува, се партизира и, најчесто, поради несоодветните критериуми при изборот, се одликува со неспособност и неукост (според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација, на крајот од минатата година, во јавниот сектор биле вработени 132.088 лица). Македонија, исто така, наместо да го реформира, го уназади образовниот систем, и не успеа квалитетно да го заокружи инфраструктурното поврзување, ниту во земјата ниту со соседните земји. Поради отсуство на конзистентен пристап, земјата остана високо зависна од увозот на енергенси, а со тоа и подложна на силни ценовни удари без обезбедена алтернатива.
Што се однесува на прашањето за интеграцијата во ЕУ, треба да се соочиме со реалноста дека веројатноста Македонија да стане, во следните 30 години, рамноправна членка на Унијата е многу мала. Постојат повеќе причини за тоа: од бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на земјите на Балканот што сè уште не се дел од Унијата, па сè до противењето на некои нејзини членки да се вклучат нови полноправни членки на ЕУ со право на вето. Зошто во ексклузивното друштво на држави со право на вето, да се примаат нови држави, што во иднина може да ја проблематизираат работата на ЕУ, користејќи го правото на вето? Зошто, на пример, еден граѓанин на кој било град во Европа поголем од Македонија би сакал Македонија да биде членка на ЕУ со право на вето?
Време е, прикривајќи се зад сонот за ЕУ, да престанеме да постапуваме ирационално и неодговорно – на Македонија не ѝ е потребна ЕУ без Македонци, туку демократско општество со стабилен економски раст и развој за сите нејзини граѓани. Наместо да се бориме со ветерници, предлагам да почнеме со градење на просперитетна Македонија. Светската и македонската економија ги очекува период на висока инфлација, висока задолженост на приватниот и јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување, енергетска криза, дигитализација и работа од дома. Дел од овие процеси, што ќе ја одбележат следната декада, имаат структурен и долгорочен карактер. Оттука, потребна е стратегија за национален развој и договор за економски реформи, политики и мерки, кои треба да се спроведуваат во следните најмалку дваесетина години, а тоа да биде остварено во соработка со МАНУ, универзитетите, коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите, надминувајќи ја клиентелистичката и партиска агенда на дејствување на општествените фактори.
Така, МАНУ, во 2023 година, во соработка со сите други општествени фактори, ќе пристапи кон изработка на Националната стратегија за развој на Македонија во следните дваесет години. Но, тоа нема да биде доволно и се плашам дека Стратегијата ќе заврши во фиока непрочитана и неимплементирана, како, впрочем, и други документи изработени под водство на МАНУ. Затоа, ако сакаме Македонија да опстои како држава и да се развива во посакуваната насока, за што сум говорел и пишувам многу пати во изминатите години, предлагам да се донесе Закон за развој на Македонија со кој: (1) Ќе се одземат ингеренциите на министерствата да изготвуваат стратегии, па така ќе се обезбеди континуитет во развојот на државата, од една страна, и стручен и научен пристап во изработката на стратегиите, од друга страна; (2) Стратегиите ќе ги подготвуваат во синергија МАНУ, универзитетите, стопанските комори и другите општествени фактори, но не политичките и владејачките елити, затоа што тоа претставува конфликт на интереси; и (3) Министерствата ќе бидат обврзани да ги имплементираат изготвените стратегии. Меѓутоа, ова не е доволно: потребно е слабеење на позициите на извршната власт и на администрацијата, намалување на администрацијата, намалување на бројот на ешалоните на извршната власт и изземање на извршната власт во раководењето со јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата – со нив треба да раководат стручни лица а не неуки партиски послушници…
… Би сакал сосема накусо да се осврнам и на состојбите во куќата со којашто раководам. Академијата денес е само слика на она што се случува во образованието, науката и уметноста, па затоа таа е целосно маргинализирана институција, доведена до работ на опстојувањето, со недоволно вработени на клучни места во Академијата неопходни за непречено институционално дејствување во делот на административната дејност и со вработени кои имаат најниски плати во однос на сите други вработени во јавните институции во државата (за илустрација, вработените во МАНУ во однос на вработените во институциите од областа на културата на истите работни места имаат речиси двојно пониска плата, секретарот на Секретаријатот на Академијата има речиси 20 проценти помала плата од државниот секретар на кое било министерство, иако станува збор за највисоката институција во државата во областа на научната и уметничката дејност, и за институција од рангот буџетски корисник како и министерствата). Меѓутоа, без разлика на таквата негрижа за храмот на науката и уметноста, според индикаторот: бројот на научноистражувачки и уметнички проекти, финансиски поддржани од меѓународни институции, поделен со вкупниот број академици и вработени во МАНУ, Академијата е меѓу водечките научни и образовни институции во светот. Академијата, исто така, е меѓу водечките институции и според друг индикатор: бројот на цитати што ги оствариле трудовите на академиците и вработените во МАНУ поделен со вкупниот број академици (41) и вработени во МАНУ. Едноставно кажано, МАНУ, иако мала и целосно маргинализирана од владејачките елити во државата, и по квалитет и по квантитет е светски препознатлива институција.
Почитувани академици, драги гости,
Во 1940 година, Кочо Рацин мечтаеше, велејќи: „Слободата, вистинската слобода на Македонија нема да дојде од таму, ами само од самите Македонци и со примерот што го покажа Илинден! Секој друг пат е лага! Од Илинден до сега се поминати цели 37 години. Цели 37 години крвава борба и крваво искуство. И Македонија уште не е слободна. Борбата е тешка, душманот јак, но и мнозина водачи нè водеа по крив пат. Уште кај нас има што чекаат и посакуваат (‘чекајушти’ и ‘желајушти’)! Уште такви чекаат некој да ги ‘ослободи’ и да им даде живот“.
Во ова обраќање, делот со личниот став за состојбите во Македонија го почнав со мислењето дека годинашниот Ден на независноста на Македонија требаше да се одбележи под мотото „Разединети во потчинетоста“. За да не се случи тоа и идната година, за навистина да се „обединиме во слободата“, за конечно да се оствари сонот на Рацин, не треба многу да се стори – само едно: охрабрете се, вие, чии настапи и постапки се лишени од достоинство, интегритет и знаење, а наместо доблест и одговорност, пласирате профил на лукративни, самобендисани, примитивни, сервилни и манипулативни властољупци, да почнете да работите во интерес на татковината. Заради иднината на нашите и вашите, а не само на вашите поколенија, еднаш засекогаш, или заминете од политиката, или вразумете се и постапувајте со она малку гордост и достоинство што ви остана, или препуштете им го водството на чесните, храбри и со интегритет посветени граѓани на Македонија!
Само да потсетам, пред дваесет години МАНУ се залагаше за „Прифаќање во ОН и во сите меѓудржавни односи на единственото име Република Македонија (како нејзино формално име) и Македонија (како нејзино кратко име), според правилата и практиката што важат за сите држави членки на ОН“. Зошто, како и кога, од научна институција што ги поддржува предлозите „за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Грција, Бугарија и Албанија“, МАНУ се трансформира во институција која ги поддржува договорите со Грција и Бугарија, со кои се негира постоењето на македонскиот народ и јазик, не само во Грција и Бугарија туку и во Македонија, занемарувајќи го изградениот институционален став во врска со ова прашање, претставува тема за која, се надевам, наскоро ќе проговориме – не денес, туку на посебна, според моето мислење, отворена седница на Собранието на Академијата. Оти да не заборавиме дека „не треба да се суди ниту за една личност, ниту за едно општество, ниту, пак, за една институција, по тоа што тие самите го кажуваат за себе (не значи documentum privatum), туку по нивното дело (значи како argumentum publicum). Ваквиот став македонските партизани го преобразија во песна што, потем, ја пееше сиот наш народ, а во која се вели: Не збориме за нас, / друг утре ќе каже, / за нашето дело / и нашата чест“.
Да ни е честит Денот на Македонска академија на науките и уметностите!“
13 Oct 2024