Новата Влада донесе одлука за укинување на заклучокот на претходната техничка Влада со која се одобриле дополнителни дополнителни 252.7 милиони евра за Коридор 8, Делница 2: Гостивар-Букојчани, кои не се планирани и обезбедени во Буџетот, ниту се економски исплатливи, информираа од владината прес-служба.
Од Владата најавуваат дека за овој заклучок ќе биде известено и Основното јавно обвинителство.
– Овој заклучок бил усвоен на 13 јуни оваа година, повеќе од еден месец после изборите и на неколку дена пред донесување на Одлуката за избор на нова Влада на Република Северна Македонија, се вели во соопштение од Владата.
– Клучно е напомена министерката за финансии Димитриеска Кочоска, дека во период на техничка влада не може да се носат одлуки за зголемување средства. За проект што се уште нема траса е кажано дека требало да поминува низ некој дел кој дополнително ги зголемувал трошоците, имало некаква пештера, требало да се избегне, а трасата не ја знаеме која е. Верувам дека министерот за транспорт ќе сподели подетални информации, не би сакала да завлегувам повеќе во тој дел, истакна Димитриеска Кочоска на прес-конференција во Владата, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за ребалансот на Буџетот.
Станува збор за пештерата „Убавица“ во Гостиварско, а поради мислење од животна средина трасата е изместена за да се спаси тоа природно богатство. Поранешниот директор на ЈП Државни патишта тврди дека не станува збор за нови средства, туку дека тие 252 милиони евра би биле во рамки на првичниот договор од милијарда и 300 милиони евра за коридорите на „Бехтел&Енка“.
– Поради пештерата и поради планинскиот терен била направена „кост-бенефит“ анализа со која подобро било да се гради тунел, наместо дополнителна автопатска лента на висока надморска височина поради што е изготвено и мислење која владата предводена од Талат Џафери го прифатила како заклучок, 11 дена пред да ја напушти „Илинденска“, посочи екс директорот Ејуп Рустеми.