Ново семејни ластари во судовите и обвинителството

Снаи, синови, ќерки и сопруги на политичари, судии и обвинтели положија за да гонат и судат криминал

Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“ ја објави ранг-листата на кандидатите од седмата генерација кои го положиле завршниот испит. Од 59 кандидати само еден го нема положено завршниот испит. Според правилото првата половина (поуспешните) ќе одат за судии а долната половина за обвинители.

И повторно се постави прашањето за непотизмот во судството/обвинителството бидејќи скоро 18 проценти од положените кандидати се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители.

Синот на Талат Џафери ќе биде обвинител

Бидејќи е во долната половина по успех на завршниот испит (42 место) нов иден обвинител ќе биде Барлет Џафери, син на Талат Џафери – претседател на Собранието. За него лани Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека незаконски полагал и положил правосуден испит пред да дипломира.

Билјана Иванова, пак, снаа на Цветанка Иванова која е генералeн секретар на Собранието, котира високо на ранг-листата (трета) и ќе добие можност да стане судија.

Веднаш зад неа во горниот дел на листата го има и името на Симона Муцунски Бубевска, сопруга на Тимчо Муцунски – градоначалник на Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ.

Со послаб успех положила Албулена Абази (51-ва на ранг-листата), сопруга на Ислам Абази – новоизбраниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, кој се повлече од Управниот одбор на Академијата за да не фрла дамка врз кариерата на идната судијка или обвинителка. И Биљана Смаќоска, ќерка на Гордана Смаќоска – пензионирана обвинителка која гонеше организиран криминал, успешно го поминала испитот.

Иван Колевски, син на Ацо Колески – експретседател на Совет на јавни обвинители положил и котира високо на 12-то место на листата. Малку послаб во знаење (на 13 место) бил Драган Јосифовски, син на Елизабета Јосифовска – ексобвинителка во СЈО, сега во Обвинителството за гонење организиран криминал, но и тој е кандидат за иден судија.

И судиите ќе имаат свои наследници во правосудниот систем. Па така Кирил Георгиев син на судија Наќе Георгиев – судија во Врховен суд, исто така успешно завршил на Академијата. По него се впишува и Зоран Здравев, син на Киро Здравев – експретседател на Судскиот совет, кој ќе треба да гони или суди кривични дела.

Последни во низата се Илир Јакупи, син на Субхи Јакупи – ексчлен на ДИК и актуелен судија во Вишиот управен суд и Јетмир Беџети, синот на судијата во Апелација, Енвер Беџети.

Законот само брани роднини да бидат во исто обвинителство или суд

Законот за јавни обвинители забранува роднини, сватови и партнери да се вработат во исто обвинителство.

Така, на пример, сопругата на шефот на Обвинителство за гонење на организиран криминал Ислам Абази, Албулена Абази која ќе му стане и колешка, не смее да се вработи во неговото обвинителство, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција и конфликт на интереси, Билјана Ивановска.

Истото правило е применливо и за синовите на судиите, како што е Кирил Геогиев, син на судијата Наќе Георгиев и неговиот колега, иден судија Илир Јакупи чија татко е судија во Управен суд и поранешен член на ДИК по предлог на ДУИ, Субхи Јакупи. За Зоран Здравев ова правило нема да важи затоа што неговиот татко Киро Здравев поранешниот претседател на Судскиот совет е во пензија.

Останати вести