Овие измени можат да предизвикаат големи проблеми по селата од кои жителите се иселени во дијаспората
Подготвивме измените на Законот за земјоделско земјиште според кои приватното необработено, или напуштено земјиште, државата во ваква криза ќе може да го дава на користење на оние кои сакаат да го обработуваат – објави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
– Во земјата статистички имаме 540 илади хектари земјоделско земјиште од кои моментно не се обработува дури една третина: 85 илјади хектари државно земјиште и дополнителни 90 илади хектари приватно земјиште. Токму затоа ги подготвивме измените на Законот за земјоделско земјиште каде велиме и приватното необработено или напуштено земјиште ќе може државата да го дава на користење. Фактот дека 1.500 договори за наем на земјиште од државата се потпишаа оваа година говори за заинтересираноста на луѓето и земјоделците. Овие две години ќе бидат тешки, особено во делот на храната, затоа треба да бидеме целосно подготвени со сите мерки и политики – рече Николовски.
Тој додаде дека оние земјоделци кои егзистираат од земјоделство преку програмата за рурален развој ќе може да побараат и дополнителна подддршка.
– Друга новина е што во 2023 година сите кои се регистрирани по Законот за вршење земјоделска дејност и егзистираат од оваа работа, покрај субвенциите, целокупната подршка, ќе може да аплицираат и за 10.000 евра поддршка од Агенцијата. Со бизнис план без да чекаат рокови или отворен јавен повик ќе можат да поднесат било кој ден, кога ќе ја подготват апликацијата за она за што сметаа дека им е потребно од машини дали за преработка, производство, маркетинг и финализирање на производите. Бидејќи егзистираат од земјоделството нив ги сметаме за попривилегирани – појасни министерот.
Следната година Министерството ќе ги исплати сите долгови кон земјоделците и ќе може ведаш да почне со авансни исплати кои се предвидени во новиот систем за субвенции кој ќе има за цел зголемување на домашното производство на храна.
Николовски очекува пратениците да ги изгласаат сите закони во делот на храната за како што рече да имаат инструмент да реагираат на пазарот.
– Јас очекувам пратениците сите закони во делот на храната да ги донесат со цел да имаме инструмент како да ја подобриме состојбата и кај оризопроизводителите. Треба да се користат механизмите. Со ребалансот беа издвоени 40 милиони евра за набавка на стоковите резерви и секако дека Владата во одреден период треба да реагира и преку стоковите резерви, и тие се една од алатките кои ги имаме на располагање – рече министерот за земјоделство Николовски.