Снежана Тренчева, сопруга на примариус доктор Виктор Тренчев од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија-Скопје, три години примала плата во приватната ординација „Кала Медикал“ каде фигурирала како „специјалист по семејна медицина“ со 1.018 пациенти на нејзино име. Ординацијата имала склучено договор со Фондот за здравство и ја вклучила Тренчева како втор „избран доктор по медицина“ од таа ординација.
Скандалот деновиве излезе во јавноста иако трае речиси година иполовина. Имено Снежана Тренчева излезе на интервју на Тв „Слободен печат“ и зборуваше за нејзината страна на скандалот.
Рече дека во 2019 година и пристапила сопственичката на „Кала Медикал“, Валентина Ливринска и и предложила да ја пријави фиктивно како втор лекар во нејзината ординација (која патем се наоѓа во село Никуштак) за да може да има и втора смена. Побарала копии од нејзините лични документи и од Уверението за завршена специјализација по семејна медицина. Договорот бил Снежана воопшто да не доаѓа на работа а за користењето на лекарски факсимил со нејзиното име да добива плата од 20 илјади денари месечно и да и тече стажот (пензиско осигурување). Валентина наводно ја презела целата процедура на себе и ја известила Снежана дека ФЗО и одобрил факсимил за печатирање на дијагнози и рецепти.
Фондот за здравствено осигурување издал лекарски факсимил на име „специјалист по семејна медицина д-р Снежана Тренчева“ и шемата функционирала се до крајот на 2022 година. Таа вели дека тогаш и истекувала лиценцата за доктор на Снежана (трајноста е 10 години), па требало да се обнови. Но во ФЗО откриле дека на факсимилот стои веќе зафатен сериски број – тоа бил бројот на нејзиниот сопруг!?
И почнува лавината: кој згрешил, дали имало корупција или се работи за фалсификување на документи…
Снежана, која вели дека е мајка на 4 деца, тврди дека иако нема никакво обвинение на хартија сепак во изминатите речиси две години телефонски и во лични разговори и се заканувале со затвор од 5 години, конфискации, губење на родителското право…
Таа тврди дека завршила медицина ама не знае кај и е дипломата!?
Овој скандал го потврдија и од Фондот за здравство, од Медицинскиот факултет и од Лекарската комора во Скопје.
Во регистарот на лиценцирани лекари на Лекарската комора ја нема Снежана Тренчева (моминско Соколоска), а во досието на Медицинскиот факултет отворено кога таа се запишала вом 2001 година има само дека положила 5 испити!?
Од друга страна, пак, на Медицинскиот факултет – Скопје постои оригинал на Уверение за завршена специјализација со нејзиното име!? Нема објаснување како можела воопшто да се запише па дури и да заврши тригодишна специјализација без диплома за лекар и лиценца. Последната вест од Медицинскиот факултет е дека наставно-научниот совет деновиве се состанал и ја поништил таа специјализација – објаснувањето е дека не ме да се биде специјалист ако се нема завршено медицински факултет!
Кога беше објавен скандалот посебно застрашувачки делуваше информацијата дека Снежана три години лекувала речиси 1.100 пациенти (од кои 38 пациенти до 6-годишна возраст и 166 пациенти од 7 до 18-годишна возраст). Иако таа демантира дека воопшто имала контакт со било кој пациент во животот, сопственичката на „Кала Медикал“, д-р Валентина Ливринска тврди дека Снежана секој ден редовно доаѓала на работа!?
– Таа имаше пациенти, доаѓаше на работа со физичко присуство и дадени се изјави во Обвинителството за оваа работа, рекла во краток телефонски разговор со „слободен печат“ доктор Валентина.
Приказната за Снежана Тренчева е чудна и неверојатна пред се поради бројот на институционални заштитни брани што документите на нејзино име успеале да ги прескокнат. Едната од нив – компјутерот во Фондот за здравство, сепак открила проблем.
Но, дотогаш ѝ биле исплаќани плати, фигурирала како докторка во приватна здравствена установа што имала договор со Фондот, а успеала и со петте положени испити – да запише приватна специјализација по семејна медицина која во првата година Министерството за здравство ја финансирало со 1.000 евра.
Сопруг и сопруга со ист број на лиценца – ФЗОМ допуштил!
Секој лекар во Македонија за да работи мора да има лиценца која ја издава Лекарската комора. На неа има број кој никогаш не се менува. Се менува само звањето од општ лекар во специјалист или субспецијалист, но бројот на лиценцата останува ист во текот на целата кариера на лекарот. Меѓутоа, лиценците на Тренчева доставени во евиденцијата на Медицинскиот факултет во Скопје кога таа запишала специјализација и онаа доставена во „Кала Медикал“ при вработувањето (за да се склучи договор со Фондот) – се со различни броеви. Ова Фондот за здравство не го забележал кога склучил анекс договор со „Кала Медикал“ во кој Тренчева била „нов избран лекар во примарната здравствена заштита“. Анексот бил склучен врз основа на барање, уверение за положен специјалистички испит по семејна медицина и лиценца за работа. Фондот го обработил барањето од 24 септември 2019 година, ама не забележал неправилности во документите што ги доставила приватната здравствена установа до нив за да ја вработи Тренчева како нов избран лекар.
– Меѓу документите за Тренчева, од „Кала Медикал“ доставиле уверение за положен специјалистички испит по семејна медицина бр. 0903-695/1 од 05.02.2013 година, од Медицинскиот факултет Скопје. Исправата била копија со печат на ординацијата и потпис верно на оригиналот, ставен од овластеното лице на здравствената установа – тврди ФЗОМ.
Во моментот кога сопругот на Тренчева напреднал во неговата медицинска кариера и добил звање примариус (2003г.), неочекувано дошол крајот на докторската кариера на Тренчева.
– Од страна на Фондот при ажурирање на податоците за обновената лиценца на доктор Виктор Тренчев, по доставен допис од ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија Скопје, Фондот да изготви нов факсимил за доктор Виктор Тренчев поради доделеното звање примариус, системот на Фондот даде информација дека под ист број на лиценца – 0009756, во системот на Фондот е евидентиран здравствениот работник Снежана Тренчева, доктор специјалист по семејна медицина со факсимил број 159956, вработена во ПЗУ „Кала Медикал“, Скопје.
Од страна на Фондот на 4 мај 2023 побарано е од Лекарската комора да направи проверка и да се произнесе за лиценцата на доктор Виктор Тренчев (како специјалист по општа хирургија и новата лиценца како супспецијалист) издадена од Лекарската комора, да провери дали е валидна лиценцата за работа на доктор Снежана Тренчева и дали истата е обновена, и зошто има лиценци со ист број за двајцата лекари. Лекарската комора достави одговор дека доктор Виктор Тренчев има валидна лиценца по пластична и реконструктивна хирургија, а лицето Снежана Тренчева не е евидентирана во Регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа.
Поради сето ова се појави сомнеж дека ПЗУ „Кала Медикал“ употребила фалсификувани исправи (уверение за положен стручен испит и лиценца за работа од ЛК) и врз основа на нив склучила анекс на договор со Фондот. ФЗОМ има поднесено кривична пријава на 9 јуни 2023 година до ОЈО Скопје и на самата пријава е констатирана висината на штетата која му е нанесена на Фондот – објаснуваат од ФЗОМ за „Слободен печат“.
Кривична пријава за фалсификување исправи против Тренчева поднело и МВР.
Самата дала изјава на нотар дека нема завршено за лекар
Обвинителството во Скопје уште води предистрага за Тренчева, иако во Медицинскиот факултет во Скопје постои нотаризирана изјава која таа самата ја дала – дека нема завршено Медицински факултет. Таа тврди дека изјавата ја дала под притисок, пред година и три месеци зашто „ѝ се заканувале од факултетот дека ќе ја гони полицијата, се плашела за семејството и за својата безбедност“. Тренчева вели дека на Медицинскиот факултет во Скопје ѝ сугерирале како да се „вади“ за овој скандал за незавршениот факултет, а за доделената специјализација – да каже дека завршила факултет во Албанија за да не настрадаат и други, за да се „намали пирамидата на лица што мое да настрадаат во случајов“. Од Медицинскиот факултет во Скопје категорично го негираат ова.
– Ми рекоа да кажам дека не сум знаела оти треба да имам завршено Медицински факултет за да запишам специјализација, или да кажам дека сум дипломирала во Албанија. Не можев да давам такви лажни изјави па на крај отидов на нотар кој ме праша дали при здрава свест ја давам изјавата. На нотар дадов изјава дека немам завршено Медицински факултет. И таквата нотаризирана изјава ја доставив на Медицинскиот факултет пред година и три месеци, само за да ми го остават семејството на мир – рече Тренчева за ТВ „Слободен печат“.
Обвинителството не се брза со предметот. Тој повеќе од една година е во предистрага.