Од Бразил пристигна тужба: Се бараат пет години затвор за Нејмар и 195 милиони евра!?!

Бразилската инвестициска компанија ДИС побара затворска казна до пет години и парична казна до 195 милиони евра за бразилскиот фудбалер Нејмар поради наводна измама и корупција, пренесува CNN Бразил.

Компанијата ДИС поднесе тужба против Нејмар, неговите родители, Барселона, Сантос, поранешните претседатели на каталонскиот клуб Жосеп Марија Бартомеу и Сандро Росел, како и поранешниот прв човек на Сантос, Одили Родригез.

Оваа компанија поседуваше 40 отсто од правата на Нејмар додека тој настапуваше за Сантос. ДИС тврди дека продажбата на Нејмар на каталонскиот клуб во 2013 година била значително под пазарната вредност на бразилскиот фудбалер.

„Правата на Нејмар не беа продадени на оној што ќе понуди најмногу. Имаше клубови кои понудија и до 60 милиони евра“, изјави адвокатот на компанијата ДИС, Пауло Насер.

Барселона во 2013 година официјално објави дека трансферот на Нејмар во каталонскиот клуб изнесува 57,1 милиони евра, од кои 40 милиони се исплатени на семејството на бразилскиот фудбалер.

ДИС доби 40 отсто од преостанатите 17,1 милиони евра исплатени на Сантос.

Деновиве во Барселона ќе започне судењето за потенцијална измама и корупција при трансферот на Нејмар во каталонскиот клуб во 2013 година.

Шпанскиот национален суд започна со расправа за случајот во ноември 2016 година, но обвиненијата подоцна беа отфрлени поради недостаток на докази. Компанијата ДИС поднесе жалба за разгледување на случајот бидејќи тврдат дека најголемиот дел од износот на трансакцијата бил скриен.

Останати вести