Раководството на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), со помош на мрежа од компании и посредници, свесно дозволило државата да купува поскап јаглен со цел некои компании и бизнис-моќници со силни политички врски оваа криза да ја искористат како шанса за сопствено богатење врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја. Како што покажува истражувањето на ИРЛ, од 2022 година до денес компанијата ЕСМ склучила договори со 11 фирми за набавка на околу 4.6 милиони тони јаглен, за што било договорено нетранспарентно да се потрошат 283 милиони евра.
Од една од овие зделки 9 милиони евра завршиле кај бугарска фирма во сопственост на братот на поранешниот премиер Зоран Заев, бизнисменот Вице Заев, тврди ИРЛ.
Сè започна во август 2022 година, кога Министерството за економија објави дека ќе се прогласи состојба на енергетска криза во секторот за електрична енергија за да се обезбеди стабилно снабдување за домашните потрошувачи. Тоа вклучуваше повеќе буџетски пари за државните компании за производство и транспорт на енергија, како што се ЕСМ и Македонскиот електропреносен систем-оператор (МЕПСО). Со дополнителните финансии требаше да се обезбедат доволни количини јаглен и нафтени деривати за домашните термоелектрани.
По повеќе од три и пол години управни тужби против државната компанија ЕСМ и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, новинарите на ИРЛ успеале да откријат каде завршиле дел од парите. Додека некои во кризата видоа шанса за енергетска транзиција, други овозможуваа кризно профитерство финансирано со буџетски пари преку сектори клучни за државата и граѓаните.
Парите завршиле кај мал број фирми, најчесто наменски и набрзина формирани за да ги добијат тендерите за лигнит. Станувало збор за примамлив бизнис кој предизвикал интерес кај дури 23 компании да достават понуди на огласите на ЕСМ.
Големи разлики во цените
Заобиколувајќи го Законот за јавни набавки, кој дозволува исклучок бидејќи станува збор за набавка на енергија или гориво, преку јавни огласи за РЕК „Битола“ биле склучени 15 договори за набавка на јаглен со единаесет различни компании. Биле склучувани и анекси за промена на количините, местото за набавка и цената.
Најголем дел од јагленот доаѓал од Грција, а дел и од Албанија. Помали количини било договорено да се увезат од Бугарија и Косово, a мал дел бил набавен и од македонски рудници.
Цената за РЕК „Битола“ варирала од најниски 45 евра за еден тон лигнит, до највисоки 88.5 евра. Таа се одредувала според енергијата што може да се произведе, а варирала од околу 450 денари до 599 денари за еден гигаџул енергија.
Меѓутоа, овие продажни цени кои се постигнати во договорите со ЕСМ se откривa дека значително се разликуваат од набавните цени по кои компаниите го увезувале јагленот од странство.
Според увозните декларации што ги доби ИРЛ од Царинската управа, цените на увезениот јаглен од Грција биле поконкурентни отколку од Албанија. Освен набавната, во цената е вклучен и трошокот за транспорт, па таа се движи од 45 евра за увезен еден тон лигнит од Грција во 2022 година, 41 евро за тон во 2023, до 39 евра во 2024 година.
Од Албанија се смета дека има покалоричен односно поквалитетен лигнит, но трошокот за транспорт е повисок поради поголемата оддалеченост, просечната цена на еден тон била 47 евра во 2022 година, 54 евра во 2023 и 63 евра во 2024 година.
Кон Грција милиони, кон Македонија камиони
Најскап договор за јаглен, по цена од 70 евра за еден тон без вкалкулиран ДДВ, државната компанија ЕСМ склучила скопската компанија „Зобек мининг груп“. Таа беше во фокусот на јавноста на почетокот на годинава, кога Управата за финансиска полиција го замрзна нејзиниот имот под сомнеж дека таму завршувале државни пари од тендери за инфраструктурно уредување што ги добивала од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ) додека нејзин директор беше Јован Деспотовски од СДСМ.
Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, па за уште 48 илјади тони, до вкупно 288 илјади тони.
За таа цел компанијата „Зобек мининг“ склучила договор со грчката компанија „Лигниторихиа Ахлада“ која е концесионер на истоимениот рудник за ископ на јаглен, „Ахлада“, во регионот на Лерин, од каде што е набавена целата количина.
Во тој период во грчката јавност се отвори дебата за, како што се велеше, ниската цена по која Македонија увезувала јаглен од овој рудник, па тоа поттикна да се истражи и крајната цена што ја договориле од ЕСМ.
Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“, пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дојде ИРЛ, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768.827 тони лигнит по цена меѓу 28-30 евра по тон.
Сопственик на „Зобек мининг“ е македонскиот државјанин Енис Колашинац.
Од увидот на договорите склучени со компанијата „Лигниторихиа Ахладас“ се гледа дека набавната цена варира од 30 евра за тон во 2023 година до 35 евра за тон годината потоа. Но, Колашинац објасни дека на оваа цена се додаваат и транспортни и логистички трошоци од уште околу 10 евра по тон.
Дури и со тоа, сè уште имаше голема разлика до договорените 70 евра за тон со ЕСМ. На втората од вкупно три средби што ги имале новинарите на ИРЛ со него тој кажал дека морал да ангажира и друга компанија која, меѓу другото, требало да врши ископ на јагленот во грчкиот рудник!? На прашањето која е таа компанија, тој одговорил дека е бугарска.
За Вице милиони, за Филипче „ауди“
Станува збор за компанијата „Гомасидра“, регистрирана во Петрич, Бугарија, во сопственост на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Компанијата „Гомасидра“ е регистрирана на иста адреса во Петрич со повеќе други фирми на Заеви, а таму се наоѓа и компанијата „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd) на сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче.
Во договорот за трговско застапување, „Зобек мининг“ се обврзал дека за секој продаден тон јаглен ќе ѝ исплати на „Гомасидра“ по 47 евра, што е повеќе отколку цената на чинење на самиот јаглен, што е од 40 до 45 евра со транспорт.
За разликите во цената објаснување дал и сопственикот на „Гомасидра“, Вице Заев, кој писмено одговорил на прашањата од ИРЛ. Тој вели дека цената од 47 евра по тон во договорот била наведена како горна граница, но на крајот, како што тврди, му биле исплатени помалку.
Според пресметките и вкупната испорачана количина јаглен, произлегува дека „Гомасидра“ од оваа зделка инкасирала околу 9 милиони евра. На прашањето какво искуство има неговата фирма „Гомасидра“ во оваа индустрија, Вице Заев одговара:
„Во деловната активност со енергетски ресурси ‘Гомасидра’ има искуство со јагленот во Грција, Романија и Бугарија. Бизнис-ориентацијата на ‘Гомасидра’ се ЕУ и пошироко. Во Македонија сè уште не сме имале таков предизвик.“
Инаку, фирмата „Гомасидра“ е отворена на 1 јуни 2017 година, наменета за меѓународен транспорт, шпедиција, рентакар, како и продажба и издавање на недвижен имот. Вице Заев е единствен сопственик, а до мај 2021 година управител заедно со него бил и Трајче Заев, негов прв братучед и деловен партнер. На истата адреса фирми имаат Венко Филипче, како и Трајче и Бобан Заеви.
Поврзаноста на „Зобек мининг“ со опозициската партија СДСМ води и до сегашниот лидер Венко Филипче. Минатата година ИРЛ дојде до фотографија на СУВ „ауди“ кое за време на предизборната кампања го возеше Филипче, а се водеше на име на фирмата „Зобек мининг“.
Енис Колашинац потврдува дека возилото било земено на лизинг за компанијата, но денес е во лична сопственост на Филипче.