Македонската православна црква (МПЦ-ОА), освен храмови и манастири, поседува и завидна бројка станови, деловни простории, обработливи површини и туристички капацитети. Некои од нив ѝ носат заработувачка од закуп.
Меѓутоа, државата нема увид во парите од киријата зашто црквата со години не поднесува завршни сметки до надлежните институции. Поточно, од 2010 до 2023 година поднела само една завршна сметка и во неа не пријавила приход од закуп или од каква било стопанска дејност.
Ова се наодите на истражувањето на БИРН што се потпира врз податоците од новата база „Верски имоти под лупа.“
„Средствата што се прибираат служат за издршка на МПЦ“, е официјалниот став на Црквата за БИРН, со образложение дека верските институции мораат сами да се снаоѓаат за одржување и функционирање. Бизнис-активностите на црквата и во Уставот на МПЦ-ОА се претставени како нужност.
Истражувањето посочува дека МПЦ располага со над 195 станбени објекти (20 во Скопје), 129 деловни простории (околу 17.500 м2), два хотела на охридското крајбрежје („Изгрев“ и „Бисер“) и повеќе од 9.000 хектари земјиште – вклучувајќи ниви, шуми и пасишта.
Далеку најатрактивен имот на црквата ќе биде оној во трите висококатници што се градат спроти „Холидеј ин“, каде што црквата се јавува како партнер на градежниот инвеститор „МГ Фешн.“
Пред повеќе од една деценија туристичката агенција „Фибула травел“ го зеде под наем „Изгрев“, кој се простира на нешто повеќе од 37.000 квадрати и целиот комплекс го реновираше во луксузен хотел со пет ѕвездички, конференциска сала, ресторан и спа-центар.
Од деталите на договорот беше објавен само оној дека туристичката агенција и црквата се договориле закупот да трае половина век.
Соседниот хотел „Бисер“ менуваше кираџии низ годините, а од лани под закуп го зел познатиот угостител од Струга, Крсте Блажески-Крис, кој е еден од сопствениците на хотелот „Дрим.“
Во последниве неколку години медиумите објавуваа дека МПЦ, заедно со партнери, се впушта во енергетскиот бизнис со плановите за изградба на мала хидроцентрала и на соларна плантажа.
Од Дебарско-кичевската епархија, на чија територија беа замислени овие објекти, за БИРН само кусо информираат дека проектите сè уште не се ниту во почетна фаза.
Иако со години важи за „непрофитна организација“, МПЦ-ОА практично оперира како институција со сериозен економски потенцијал. Од БИРН нагласуваат дека недостигот на контрола и транспарентност создава простор за злоупотреби, а граѓаните остануваат без одговор за тоа како се трошат средствата собрани преку имотот кој историски е во служба на јавноста.
Стопанските дејности на ИВЗ исто се непознати
Освен МПЦ-ОА која не пријавува приходи од стопанска дејност, истото важи и за Исламската верска заедница (ИВЗ).
„Според податоците пријавени до УЈП, двете верски заедници не остваруваат приходи од стопанска дејност, како што се приходи од кирии по основ на договори за закуп на недвижности“, се вели во писмениот одговор на УЈП за БИРН.
Верските организации се регистрирани како непрофитни организации и затоа се ослободени од многу давачки, меѓутоа не се ослободени и од обврската да ги пријавуваат приходите и расходите, без разлика дали тие се од стопанска дејност или, пак, легнале на сметката на поинаков начин – донации, продавање свеќи или од нешто друго.
Суштината на овој систем на пријавување, кој ниту МПЦ-ОА ниту ИВЗ не го почитуваат, е државната контрола што во овие случаи изостанува.