Опрема од A$23 милиони со години неотпакувана додека пациентите чекаат

И покрај инвестиција од речиси 58 милиони евра (A$101 милиони) во современа медицинска опрема, дел од неа сè уште не е ставена во функција или не се користи доволно. Причините се хроничен недостиг од стручен кадар, недоволна едукација и несоодветни простории – покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.

Ревизијата се однесува на периодот од 2021 до 2023 година и ги опфатила апаратите: компјутерска томографија, ангиографи, акцелератори, мамографија со томосинтеза и стереотакса, позитронско-емисиона томографија во комбинација со компјутерска томографија (ПЕТ/КТ) и апарат за роботска рехабилитација.

Според наодите, опрема вредна 13 милиони евра (A$23 милиони) не е воопшто во употреба, а друга опрема од 5.5 милиони евра (A$9.6 милиони) стои неискористена во полн капацитет. Најдрастичен е примерот со пет линеарни акцелератори за радиотерапија, инсталирани во повеќе градови, но сè уште нефункционални – иако дел од нив стојат така со години. Вкупно 5 акцелератори не се ставени во употреба и тоа: 2 на Клиниката за онкологија, 2 на Клиниките во Штип и Битола и 1 во Градската болница „8 Септември“.

Во меѓувреме, единствено Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје третира над 2.300 пациенти годишно, работи со преоптоварен кадар и апаратура. Дел од КТ уредите и ангиографите, набавени пред повеќе од 10 години, често се расипуваат и не се во функција со месеци, па и со години.

Ревизијата открива дека опремата не се набавувала врз основа на прецизни анализи, туку често без обезбедени услови и без подготвен кадар. Дополнително, регистарот на здравствени работници не се ажурира редовно, што го отежнува планирањето, а бројот на радиолози од 2021 до 2023 година дури и опаднал – од 88 на 79.

На ниво на држава, во 9 јавни здравствени установи се инсталирани 18 ангиографи, но дел од нив не се користат редовно поради недостиг на кадар и простор. Дури и за уредите што се користат – како компјутерските томографи (КТ) – ревизијата покажува дека не се закажуваат термини според пропишаните стандарди, а дел од уредите се веќе амортизирани и често дефектни.

Ревизорите укажуваат и на сериозни проблеми со евиденцијата: податоците во „Мој Термин“, фондовскиот систем и во болниците не се совпаѓаат, што резултира со ненаплатени услуги од најмалку 247 илјади евра.

Дополнително, дел од здравствените установи не ги отстрануваат нефункционалните уреди – вклучително и оние со радиоактивни елементи – што претставува закана за животната средина и блокира простор кој може да се користи за нова опрема.

Иако постојат обиди за итни вработувања – како најавата за ангажирање 600 приватни специјализанти до крајот на 2025 – ревизорите бараат подобро планирање, ажурни регистри, функционална евиденција на услуги и одржлив систем за одржување на скапата опрема.

Останати вести