Орбан и Мицкоски договараа заедничка економска зона со Србија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со македонскиот премиер Христијан Мицкоски најавија дека двете земји ќе работат на создавање заедничка економска зона во која ќе се најде и Србија. Според Орбан, проблем е што Унгарија е во ЕУ, а Македонија и Србија не се, но сметаше дека со интензивна билатерална соработка може да се постигне тоа.

Како ќе изгледа таа зона, дали ќе биде формализирана како „Отворен Балкан“ или не – Орбан не објасни во детали, а таа тема ја прескокна и премиерот Мицкоски. Според него ова било причина што во Будимпешта дошла целата македонска влада (иако фалеа министри на ВЛЕН и на ЗНАМ) и дека таа економска зона може да се создаде со градење најинтензивни економски односи и соработка  меѓу двете влади и поврзување на економските системи  на двете држави. Притоа најави дека двете влади ќе потпишат договор за меѓувладина економска соработка.

Мицкоски од Будимпешта се пожали на нефер односот на ЕУ кон Македонија, изразувајќи надеж дека со унгарска помош конечно ќе почне преговори за членство.

Однесувањето на ЕУ кон Македонија остро го осуди и Орбан:

– Се разбира, ова однесување не е фер. Но не е моја работа да го искажам легитимниот македонски морален бес, тие ќе го направат тоа. Македонија не е единствената земја на Западен Балкан што е неправедно третирана од Брисел, но најголемиот чин на гадење и туркање е во случајот со Македонија. Тие ги направија билатерални преговорите за членство, односно и дозволија на секоја земја-членка да и поставува услови на Македонија. Ги префрлија тие прашања како билатерални преговори, наместо Брисел да помогне за нивно решавање.Унгарија, без да ја потценува сопствената тежина и сила, мора да признае дека не може сама да го промени ова европско однесување, рече Орбан.

Мицкоски: Не се сретнав со Груевски во Будимпешта

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека не се сретнал со екс-премиерот Никола Груевски во Будимпешта, каде што ја предводеше делегацијата на втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и Унгарија.

– Не сум се сретнал но, доколку ќе се сретнам, ќе бидете информирани затоа што водам политика на принципот – вистината е најточна. Јас секогаш кога нешто ќе се случи, тоа го кажувам и не го кријам. Нема што да кријам, совеста ми е чиста, кажа Мицкоски.

Тој најави дека наскоро ќе излезе со докази оти членовите на претходната власт се среќавале со Груевски во неговото моментално живеалиште во главниот град на Унгарија. Целта била да се подели ВМРО-ДПМНЕ а за возврат Груевски би добил амнестија.

Последното барање за екстрадиција на Груевски е од 2019 година но глатко беше одбиено од Унгарија со образложение дека на екс-премиерот му е даден политички азил и согласно нивниот закон лицето не може да се екстрадира во држава од која што е дојден.

Останати вести