Осомничени 49 лица – земале мито за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице

Уапсени доктори, адвокати, врабoтени во ПИОМ, во Социјално…

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција покрена истрага против 49 лица, од кои најголем дел се лекари, за злоупотреби за стекнување со право за туѓа нега и право на инвалидски пензии. Се работи за две групи што се формирале во 2023 година: на Клиниката за неврологија и на Клиниката за уво, грло и нос. Едната земала мито за постапки за туѓа нега, другата за инвалидски пензии. Шемата била иста – примале поткуп за да им завршат работа на барателите, обезбедувајќи им невистинита медицинска документација.

Осомничените ќе се гонат за вкупно пет кривични дела. Од нив 23 лица се приведени, а едно е недостапно. Притвор е определен за 9 осомничени, за петмина куќен притвор, а за останатите одредени се мерки на претпазливост.

Поранешна докторка од Клиниката за уво, нос и грло во Скопје е во центарот на шемата. Таа се товари дека формирала две криминални групи кои добивале мито, а за возврат лажирале медицинска документација и ги воделе постапките за обезбедување на социјалните права.

Докторката од Клиниката за уво, нос и грло во Скопје, која била и член на Комисија за за оцена на работна способност наводно е Габриела Копачева Барсова и таа, заедно со првоосомничената, поранешната сестра на истата клиника Славица Милошевиќ и двајца други осомничени создале друга група на која потоа ѝ се придружиле уште 12 осомничени од кои тројца од првата група .Во шемата влезени биле лекари од Уво, нос и грло, Неврологија, ЈЗУ општа болница Велес, Психијатрија, но и вешто лице, членови на Комисијата за оцена на работна способност, адвокат, но и други службеници.

Постапките за остварување на право на туѓа нега оделе преку Велес. Барателите давале мито кај матични доктори од овој град. Без воопшто да се појават на лекар биле креирани и издавани документи за фиктивни упати, прегледи, отпусни листи, медицински извештаи, контроли, психолошки тестови, конзилијарни мислења, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација. Токму таа документација се користела во постапката за митаџиите успешно да добијат право на туѓа нега.

Паралелно, истата поранешна докторка од Уво, нос и грло заедно со член на Комисијата која утврдува неспособност за работа при Министерството за труд и социјала и уште 12 други лица на идентичен начин земале мито од барателите, а за возврат воделе успешна постапка за тие да добијат инвалидска пензија.

При спроведените претреси во Скопје, Велес, Тетово и Гостивар пронајдени и одземени се 110.000 евра, 65.000 денари и 100 долари, повеќе мобилни телефони, нотеси со податоци на должници, но и разна медицинска документација и повеќе факсимил печати.

Министерот за здравство дава поддршка на истражните органи да го усчистат здравствениот сектор од корумпираните лекари.

На почетокот на месецов за мито беше приведен и директорот на скопска Геријатрија кој беше фатен како прима 20.000 евра за да смести пациент на палијативна нега.

Останати вести