Легендарниот македонски фудбалер Дарко Панчев во опширно интервју за српската „Политика“ изнесе неколку интересни моменти од неговата богата кариера, а воедно се осврна и на трансферот од Црвена Звезда во Интер.
Нашата „кобра“ отворено признава дека преминот во Италија му бил најголема грешка и жали што не успеал да продолжи со спектакуларните настапи во некоја друга силна европска лига.
– Тука нема ништо спорно. Направив голема грешка. Интер тогаш немаше квалитетен тим, немаше хемија и атмосферата во соблекувалната не беше како што треба. Играа многу дефанзивно, а тоа беше голем проблем за нас, напаѓачите. Јас во Милано дојдов како зрел фудбалер и очекував да бидам првотимец, а не да се докажувам на тренерите. Бев еден од најбараните центарфори во Европа, но многу бргу ги нарушив односите со стручниот штаб и затоа седев на клупата, вели Панчев.
Понатаму се навраќа на фамозната 1991 година, кога добил понуда од Барселона и Манчестер Јунајтед, но сепак решил да замине во италијанската лига, која во тие моменти беше најсилна во светот.
– Многу гиганти се интересираа за мене. Имав понуда од Барселона и од Манчестер Јунајтед, но решив да заминам во Интер. Грешката е кај мене, ме бараа Јохан Кројф и Алекс Фергусон, но јас одбрав друг пат. Имав и пред-договор со Милан, а силно заинтересиран беше и Реал Мадрид. Ја преземам одговорноста, затоа што јас лично ја одбрав најлошата варијанта за мене, изјави македонската легенда.
Дарко Панчев во дресот на Интер одигра само 19 официјални мечеви и постигна три гола (во првите два контролни меча постигнал 5!). Претходно, важеше за еден од најрасните стрелци во Европа, а додека настапуваше за Вардар (151 настап / 84 гола) и Црвена Звезда (92/84) а до крајот на кариерата настапуваше и за германските Лајпциг (10/2) и Фортуна (14/2) и швајцарски Сион (5/0).