Пациентите чекаат со месеци за операција: „Експлозијата“ допрва доаѓа

Се проценува дека во моментов во Австралија има над десетици илјади луѓе кои чекаат операции и други хируршки интервенции кои не се сметаат за итни. Списоците на чекање стануваат се подолги по 20-месечната пандемија, особено за операции од втора и трета категорија.

Во моментов во оваа категорија спаѓаат зафати како што се операции на колк кои не се итни, потоа отстранување на бенигни тумори и операции на уво, нос и грло.

Операциите по неколкумесечна пауза продолжија од ноември, но за сега не може со сигурност да се каже што ќе значи за пациентите доцнењето на хируршките зафати од неколку месеци.

Листите на чекање за изборни операции се зголемија во Нов Јужен Велс, Викторија и Камбера токму поради неодамнешните затворања.

Лекарите по општа медицина во другите делови од земјава заостануваат многу со издавањето на упати за специјалистички прегледи, бидејќи во изминатиот период примаа пациенти пред се поради вакцинација, додека сите останати пациенти биле примани во далеку помал број.

Ова резултираше со помалку таканаречени изборни операции во сите австралиски јурисдикции.

Хирурзите предвидуваат дека вистинската „експлозија“ на листите на чекање за изборни операции ќе дојде дури по Нова година.

Претседателката на Кралскиот австралиски колегиум на хирурзи (RACS) од Нов Јужен Велс, д-р Паила Мукруџи, вели дека матичните лекари почнале да го намалуваат бројот на пациенти кои ги примаат поради вакцинацијата, така што се очекува листите на чекање за операции да бидат подолги додека не го достигнат својот врв на почетокот на 2022 година

„Oчекувам дека најлошото ќе дојде до крајот на годината, бидејќи во текот на ноември и декември ќе имаме многу повеќе пациенти кои се пријавуваат за изборна операција, што навистина ќе се одрази дури во периодот јануари-февруари“ – прогнозира д-р Мукруџи.

 „Во наредниот период исто така ќе се сретнеме со многу повеќе случаи на Ковид во заедницата, со кои ќе треба да се справиме, како и со давање трета доза вакцини“ – истакна таа.

Според д-р Мукруџи, Нов Јужен Велс завршил добра работа, бидејќи тие склучиле поддоговори со приватните болници и други програми за да го надомесат заостатокот од 2020 година. Таа оцени и дека состојбата со изборните операции ќе биде поинаква и во зависност од градовите и регионите.

Но, според неа, најмногу загрижува фактот дека кога пациентите ќе дојдат на ред за операција, кај многумина проблем што го имале ќе биде посложен, бидејќи нивната состојба се влошила за време на долгото чекање.

Покрај тоа, Мемберс хелт, врховно тело на австралиските непрофитни и здравствени осигурителни компании, рече дека покрај операцијата за замена на колк, постојат и други области кои предизвикуваат загриженост, како што се: отстранување на рак на кожата, операција на бубрезите и мочниот меур, гинеколошки интервенции, како и кардиологија и гастроентерологија.

Дополнително, докторката нагласи дека и општите лекари исто така ги очекуваат прилив на пациенти со хронични состојби, дијабетес и ревматоидни заболувања, особено нагласувајќи го проблемот со нарушено ментално здравје во заедницата.

Со овие заостанувања службите можат да се справат само со помош на дополнителен персонал во болниците, со напомена дека е потребно да се обучат повеќе лекари и медицински кадар и да се зголеми финасирањето во државните болници.

Останати вести