Хуморот и сатирата и оваа година беа присутни на Василичарскиот карневал во Вевчани. Од традиционалните зет и невеста, Глупавиот Август, сè до најразлични страшила, демони, зомбиња, невести и низ сатира прикажани политичари: Сашо Мијалков со неговото „ферари“, министрите на ДУИ кои играат мал фудбал по канцеларии а ги брка маската на Мицкоски со црвен картон в раце, Бугарите од 1941-44 како администратори („Ами аз с’м си администратор обаче“)…
Вевчанскиот карневал и годинава собра стотици посетители од земјата и пошироко, кои и покрај снежните услови допатуваа до Вевчани. Снегот не ги спречи ниту организаторите да бидат на висина на задачата и да ја одржат векови старата традиција.
Василичарите со најразлични креативни костими „го избркаа злото“ и го најавија доаѓањето на Новата година според Јулијанскиот календар.
По изминати две децении Вевчанскиот карневал повторно стана дел од престижната Федерација на европски карневалски градови (ФЕЦЦ). Карневалот го загубил членството во 2003 година поради неплатени обврски за членарина.
– Со посветеност и голем напор, минатата година успеавме да ги исплатиме сите заостанати обврски од изминатите 20 години и се вративме на своето заслужено место, изјави градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.