На три недели е затворена Скопската зоолошка градина откако се откри дека една угината гуска (од оние што инаку слободно се движат покрај езерцето) имала вирус H5N1 (птичји грип). Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека иако Зоолошката градина имала детектирано угинато животно, не постапила по законски процедури. Извршено е „хумано убивање и нештетно отстранување“ на: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка која била присутна на локацијата.
Реагираа и од здружението за заштита на животни „Анима мунди“ на „хуманите постапки“ што ги спроведе АХВ – дека „птичји грип не се превенира со кршење вратови, фрлање живи птици во канта за ѓубре и стрелање со пушки“.
Четворица вработени во Зоолошката и една жена посетител беа тестирани и се покажа дека се негативни на вирусот.
Последните случаи на појава на „птичји грип“ во земјата беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, потоа с. Селце во (Општина Штип) и во близина на населбата Злокуќани (Општина Карпош). Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација во земјите од ЕУ, стои во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.