Градот веќе нема инфраструктура да го издржи ова зголемувањето на жители
Дали цените на становите во Македонија ќе растат и годинава ќе зависи од побарувачката и од односот на сопствениците на градежни парцели и на инвеститорите. Во Скопје, дополнително на цената на квадратот ќе влијае и намалувањето на атрактивни локации за градење.
Сопствениците на градежни парцели бесрамно профитираат од ваквата состојба, велат познавачи на состојбите и градежници. Тие очекуваат стабилизирање на цените на ниво повисоко за 20 отсто во однос на годините пред пандемијата, но притоа треба да се реши и урбанистичкиот хаос што владее во Скопје.
Архитектот Никола Велковски, кој е и поранешен градски архитект на Скопје, вели дека градежниците веќе немаат оправдување да ја зголемуваат цената како резултат на високите цени на струјата и на градежните материјали.
– Сега главен збор ќе има побарувачката на станови која расте во последните години, како резултат на кризата. Граѓаните сметаат дека вложувањето во недвижнини е добра опција. Скопје и Охрид се избираат како најповолни градови. Секако, на цената на станбениот квадрат влијае и високиот раст на цената на градежните парцели, односно желбата на сопствениците на овие парцели да профитираат од фактот што во Скопје веќе нема атрактивни места за градење – вели Велковски.
Забележани се и екстремно високи проценти на отстапување на квадрати на сопственици на земјиштето во однос на периодот пред пандемијата, кога највисокиот процент беше 25 отсто, а сега надминува 35 отсто. Токму односот на сопствениците на парцелите и на градежните компании е причина за порастот на цената на становите во Скопје од 18 отсто за трите квартали лани.
– Порано, за изградени 1.000 квадратни метри станбена површина, на сопственикот на градежната парцела му се отстапуваа 250 квадратни мети. Сега, во Скопје, на сопственикот му се отстапуваат дури и 40 отсто од изграденото. Тоа директно влијае на цената на квадратот што ќе ја платат граѓаните кои ги купуваат останатите станови. Ова ќе потрае и во наредниот период, бидејќи во Скопје веќе нема атрактивни градежни локации – вели Велковски.
Според него, урбанистичкиот хаос и профитерство во градењето, посебно во Скопје, може да се спречи.
– Со урбанизмот во Градот не смеат да управуваат сопствениците на градежни парцели. Време е да запре практиката на секоја катастарска градежна парцела да се гради објект, Време е да почне да се планира изградба на еден објект на повеќе парцели, со што би се пропишале и исполниле сите критериуми за урбано живеење, што подразбира освен и паркинг простор, зеленило, објекти за одмор и рекреација, градинки, училишта … Тоа може да се направи со отворање на Генералниот урбанистички план за Скопје и секако со почитување на мислењето на стручната јавност, кое досега го немаше – вели Велковски.
Скопје мора да стане затворен град
Според него, урбанистичките власти треба да размислуваат да го затворат Скопје за доселување, што подразбира воведување критериуми кој ќе може да се досели во градот.
– Скопје веќе нема инфраструктура да го издржи ова зголемувањето на жители. Нема јавен превоз, нема доволно објекти за сместување и образование на децата, за спорт и рекреација, а за зеленило и да не зборуваме. Да бидам појасен, оваа состојба на отворени градови ја имаа скоро сите градови, но потребата да се направи град хуман за живеење е да се почитува јавниот пред приватниот интерес и Скопје да стане затворен град, како што тоа веќе го направија повеќе градови кои се соочија со ваква состојба многу пред нас – вели тој.