Прајминистерот Морисон ја пофали Македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија

Прајминистерот Скот Морисон ја пофали и македонската заедница што ги понуди своите простории за Австралија да достигне до 80% со двојна доза вакцинација. Новиот културен центар на Македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија (МПЦМВ) минатиот месец ги отвори вратите како привремено место за вакцинација во Епинг, за да и помогне на заедницата побрзо и полесно да се вакцинира против ковид-19.

МПЦМВ соработуваше со здравствени власти отворајќи го новиот центар за администрирање на вакцините Pfizer и AstraZeneca. 

Македонската австралиска заедница е позната по својот цврст дух, дури и во тешки времиња, и  во текот на пандемијата покажа силна поддршка еден за друг и за пошироката австралиска заедница.

– Австралија повторно се отвора и ќе остане безбедно отворена, а македонската австралиска заедница повторно може слободно да се врати на работите што ги пропушти толку долго, да присуствува на верски служби, да слави настани, да ги одржува силни бизнисите и инвестициите и да може повторно да се патува во странство, рече Морисон.

– Во последните две години владите им кажуваа на Австралијците што да прават. Тогаш имаше потреба за тоа бидејќи минувавме низ пандемија. Но, сега е време да почнеме да се враќаме во нормален живот. Австралијците го одржаа својот дел од договорот и повеќе од 80 отсто од нацијата сега е вакцинирана со двојна доза. Со тоа како нација сега имаме една од највисоките стапки на имунизација во светот. Имаме една од најсилните економии што ја помина бурата на пандемијата и имаме една од најниските стапки на смртност од ковид во светот.

Австралијците направија неверојатна работа низ оваа глобална катастрофа, и сега е време владите да се повлечат и да ја вратат слободата и одговорноста на луѓето. Тоа е она што го правиме како федерална влада, рече прајминистерот Морисон.  

– Бизнисите можат сами да изберат според законот, но ние не сакаме да им кажуваме што да прават или да му кажуваме на народот што да прави. Вакцините се задолжителни само во случаи кога имате здравствени работници што работат со ранливи луѓе. Тоа е она што отсекогаш бил медицински совет.

Го поздравувам обновувањето на слободите што се дадени за жителите на Викторија. Мислам дека тоа е фантастично. Тоа е она што треба да се случи. Австралијците го направија својот дел. Сега е време тие да можат да чекорат напред со своите животи, а владите да се повлечат од нивните животи.

Останати вести