Преведено на англиски јазик дел од оставнината на Цепенков

Од 14 ноември, на Аmazon.com.au достапна е на аглиски јазик книгата “Оtherworldly Tales Collected in 19 Century Macedonia” со селектирани дела собирани од Марко Цепенков во превод на Феј Томев. Оваа книга е изработена преку соработка со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје. Проектот  е поддржан од австралиско-македонски спонзор и Феј Томев, која му ги подари авторските права на институтот. Книгата ја промовираше директорот, професор Ермис Лафазановски, по повод 70-годишнината од основањето на Институтот, како и 100-годишнината од смртта на Цепенков.

Феј Томев е  родена во Австралија со македонско потекло. Таа избра наративи од изданието на 10-томната збирка на Марко Цепенков од 1972 година и прекрасно го долови значењето на оригиналниот материјал. Прилагодено за прв пат на англиското говорно подрачје во овој превод може да се прочита за многу фасцинантни и малку познати аспекти на традиционалната македонска култура, имено:

Дел 1 – Верувања, магија, зло око, лековити средства за исцелување, страшни приказни, смртни ритуали и оплакувања и  приказни.

Дел 2 – Соништата и нивните толкувања.

Зборовите на Марко Цепенков визуелно оживуваат преку прогонувачките црно-бели фотографии направени во 1930-тите од Јозеф Обребски (1905-1967). Неговата огромна колекција се чува во библиотеките Амхерст во Универзитетот во Масачусетс.

Фолклорната збирка на Марко Цепенков го става во класата на други извонредни раскажувачи од светската заедница. Со својот карактеристичен стил тој ја опишува Македонија од 19 век преку митовите, верувањата, соништата и нивните интерпретации на неговите луѓе. Неговиот стил и употреба на македонскиот јазик е единствен по својата моќ, опсег и суптилност.

Марко Костов Цепенков (Ореовец, Прилепско, 7 ноември 1829 – Софија, 29 декември 1920) е специфична појава во македонската литература и е најпознатиот македонски собирач народни умотворби. Тој има запишано над 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал – речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија итн.

Останати вести