Премиерот горд: Го исполнивме аманетот на Конески, нашиот македонски јазик е потврден во ЕУ

Го исполнивме аманетот на Блаже Конески и македонскиот јазик е потврден во Европската унија, порача премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, на партиска трибина во Прилеп.

– Успеавме да се избориме за нашиот македонски јазик, за нашата единствена татковина, како што вели Конески. Македонскиот јазик е на исто рамниште со сите јазици во Унијата. Македонскиот јазик во ЕУ, признат и потврден, еднаш, засекогаш. Направивме историски исчекор, го потпишавме првиот документ со Европската унија на официјален македонски јазик, чист, без фусноти, без ѕвездички и додавки, рече пред прилепчани Ковачевски.

Говорејќи на трибината „Силно и одлучно кон иднината“, Ковачевски потенцира дека првпат имаме договор кој што е одобрен од сите 27 членки и каде што сме ставиле потпис на договор на кој што стојат имињата и јазиците на сите земји членки на ЕУ, вклучувајќи ги Грција и Бугарија.

Премиерот и претседател на СДСМ нагласи дека патот до членството на Унијата нема да биде лесен, но додаде дека тоа е единствената иднина за граѓаните од кои ја бара поддршката.

– Тој пат нема да биде лесен. И мене не ми беше лесно кога преговарав со сите членки на ЕУ. Но кога иднината, подобриот живот на идните генерации зависи од вас, тогаш мора да ја донесете одлуката. Затоа, да се обединиме околу европскиот концепт, силно и одлучно да продолжиме кон иднината, рече Ковачевски.

Ковачевски се осврна на континуитет на македонскиот јазик низ вековите притоа потенцирајќи ги делата и творбите на прилепчаните Марко Цепенков, Круме Кепески, Блаже Конески.

– Благодарни сме на нивниот придонес, на сите наши македонски преродбеници, но и задоволни што во градот под Марковите Кули доаѓаме гордо, достоинствено и со крената глава, заклучи Ковачевски на трибината во Прилеп.

Останати вести