Влатко Кешишов, еден од обвинетите за смртта на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по трет пат се премислува и го менува својот исказ за тоа што се случило на 22 и 27 ноември кога биле убиени жртвите.
Првиот пат, за време на истрагата, во Обвинителството Кешишов дава признание, ги открива местата каде што биле закопани убиените, а за извршител го посочува Љупчо Палевски Палчо. Вториот пат, кога на првото судско рочиште беше прашан дали е виновен, рече дека не е виновен.
Сега по трет пат, на рочиштето во понеделникот, до судијата доставил писмена изјава (пишана на рака) со која го менува тврдењето дека првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо пукал кон жртвите. Му дава алиби и вели дека на двата критични датуми Палевски бил во штабот на Десна, спиел на горниот кат.
Понатаму пишува дека згрешил што го послушал Велибор Манев, еден од обвинетите за кој Палевски со писмо до јавноста тврдеше дека тој е извршител на убиствата.
На местото на убиствата, според Кешишев, во Скопје и Велес бил тој, Велибор и Боре Видевски, но не пишува кој пукал.
Но, откако Палчо заминал на пат, Велибор дошол во штабот и со притисок и голема паника ги натерал на полицијата да и кажат дека Палчо организирал се и пукал.
Изненаден од оваа нова изјава беше и адвокатот на Кешишев, Игор Ефремов, кој за медиумите рече дека и самиот дознал на судењето.
– Не знам дали ракописот е негов, дали своеволно ја пишувал или не сакам да помислам дека е под некоја присилба или закана. Прво ќе разговарам со него и дополнително ќе ја коментирам, изјави адвокатот на Кешишев.
На минатонеделното рочиште за убиствата сведочеше Стефан Димковски кој го возел Палчо од Белград за Турција. Според неговите тврдења Палчо за тоа што се случува со убиствата во Македонија го дознал на 3 декември, кога биле на доручек во Баликесир.
Бил блед и на Димковски му рекол дека „му го лепат“ случајот со исчезнувањето на девојчето. Размислувал да бара политички азил во Белорусија и рекол „Не знам што ми смислил Оливер Спасовски“.
Димковски му рекол дека треба да се врати и да расчисти со тоа. Но, тогаш Димковски не знаел дека Палевски е првоосомничен за двојно убиство, тоа го дознал отпосле кога тргнал да се враќа од Турција и отседнал по пат во хотел и тогаш почнале да му испраќаат линкови и изјави од тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Палевски на 1 декември го замолил Димковски, кој бил член на Десна, да го земе од Белград и да го врати во Скопје. Но, кога тргнале да се враќаат накај Скопје планот се променил и Палевски му кажал дека треба да застанат во Ниш да се види со некој човек.
– Кога се сместивме во хотелот во Ниш ми кажа дека треба да оди во Турција. Му стигнало потврда за прегледи за операција за ‘рбетот – рече Димковски.
Па од Ниш тргнале накај Турција каде наводно Палевски требало да оди на операција во Истанбул, која долго време ја закажувал.
Друг сведок, поранешен полицаец, Ламбе Бучков тврдеше дека Палчо му должел 15 илјади евра. Се знаеле од 2011- 2012 кога Палевски знаел дека сведокот имал имотен пријател и побарал од него да ја доврши зградата „Тифани“, во центарот на Скопје, бидејќи Палевски немал пари.
Потоа продолжиле да комуницираат откако Палчо ги понудил локациите што ги имал земено од општина Центар за другарот да гради.
– Беше направен договор, на нотар му беше даден аванс од 15 илјади евра – рече сведокот.
Но, не добиле дозвола за градба, а парите никогаш не ги вратил. Бидејќи парите биле преку него земени, Бучков самиот зел кредит да му ги врати пари на пријателот, за да не се срами.
Од септември 2022 година секојдневно му ги барал парите, а Палчо велел дека чека некои пари да му ги вратат.
– Имаше многу пари, но почна колата да оди надолу. Почнаа да му рушат, мислам политичката елита – рече Бучков.
Сведочеше и Ерол Османи кој кажа дека на 22 декември, кога се случи убиството на Жежовски, иако Палчо тврдеше дека бил кај пријател да поправа котел за пелети, Османи тврдеше дека кај него бил на 28 декември и тогаш му го сервисирал котелот.
Тоа е еден ден по убиството на Вања, а за претходниот ден рекол дека бил настинат.
Обвинителот ќе бара да се пуштат во судница видео-снимките од првичните признанија на обвинетите за убиствата на Вања и Панче
За време на истрагата, а веднаш по апсењето, покрај Кешишов делото го признаваат и Велибор Манев и Боре Видевски, и споделуваат детали со истражните органи, но подоцна негираа вмешаност.
Каратистот Видевски прв се премислува, и при вториот исказ кој го дава кај обвинителката го повлекува кажаното. Истото го прават и останатите двајца во судница, на првото рочиште.
Но, колку и да сакаат, не можат со гума да го избришат кажаното. Самите ги открија местата каде што беа закопани двете тела, или, поинаку кажано, без нив полицијата можеби никогаш немаше да открие каде се скриени жртвите. Опишале кој ја врзал Вања, кој ја ставил во вреќа за спиење, кој ѝ ги врзал рацете и нозете, кој безмилосно ја убил, а потоа ја зел вреќата за спиење во која била ликвидирана. Тие го посочија Палевски како директен егзекутор.
Ова нивно прво сведочење е снимено и е дадено во присуство на адвокат. Како што се дознава, Обвинителството ќе го искористи законското право да ги соочи обвинетите со исказите со кои даваат признание. Ова значи дека видео снимките од нивните први сведочења ќе бидат објавени во судница.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
27 Dec 2024