Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ во просториите на библиотеката во Мил Парк во Мелбурн одржа промоција на романот “За хероината Гордана Димовска” од Гордана Такец. Водител на програмата беше Лидија Стојаноска, а за книгата зборуваше нашата позната актерка Дона Димовски Кантаровски.
Промоцијата беше збогатена со рецитации на поемите „Света земја“ и „Гордо Македонци“ од младите членови на МЛД „Кочо Рацин“, Коста и Јован Дамјановски.
Книгата има 244 страници на кои Гордана Такец умешно испиша зборови како ѓердани, кои го украсуваат делото за Гордана Димовска. Пред да го започне првото поглавје таа пишува: „Да се биде жена е голема привилегија затоа што ако си жена ти си се на оваа планета“.
Несебичната љубов, копнеж кон родот свој, болка и тага за родната грутка таа голема и силно изразена македонштина ја открив, е нешто кое Гордана Такец го забележа и реши да го претвори во роман за Гордана Димовска.
Гордана Такец е неуморен творец која доследно го продолжува патот на нејзиниот татко Димитар Димитриевски – Такец, кој остави бесценети дела за Битола.
Вечерта требаше да се промовира уште едно дело – “Летот на мојата гулабица” од Светлана Јаневска, но од оправдани причини авторката ја откажа промоцијата на нејзината книга.
27 Dec 2024