Пропаѓа манастирот Карпино – бесценет споменик на културата на Балканот

Заборавен и од државата и од црквата е манастирот Карпино, кој се смета за најстар манастир во Североисточниот Регион, со долговековна и славна историја. Манастирот, во Општина Старо Нагоричане, е еден од највредните средновековни споменици на Балканот, а денес се соочува со големи предизвици во зачувувањето и обновата.

Според пишаните документи, црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ е изградена во 1592 врз темелите на постара црква од 14. век од времето на цар Душан, а по народните преданија потекнува од 1100.  Овој сакрален објект е еден од најзначајните средновековни споменици од поствизантискиот период на Македонија и меѓу првите е прогласен за споменик на културата, заштитен со Закон за заштита на спомениците во 1950.

Во манастирот Карпино живееле над 300 калуѓери и тој важел за црковно-духовно и културно јадро за целиот регион. Оригиналните ракописи, кои сега се наоѓаат во библиотеките во соседството, сведочат за препишувачката школа и за постоењето на ќелијно училиште.

Манастирот Карпино е сместен помеѓу селата Сув Ора, Аљинце, Дренак и Канарево, во Општина Старо Нагоричане, кои се дел од планинскиот предел на Козјачието, на само 20-тина километри од Куманово, на патот кон Крива Паланка. Името го добил по карпестиот предел околу него, кој плени со својата уникатност и величественост, создавајќи автентична композиција која го прави манастирот Карпино привлечно место за љубителите на природата и историјата.

Манастирот бил значаен книжевен и скрипторски центар во 16. век, а активен верски живот имало до крајот на Втората светска војна. Поседувал богата манастирска библиотека со преку 60 книги, кои подоцна биле однесени во Белград, Софија и Москва. Во почетокот на 19. век, од 1806 до 1812 година, во него творел игуменот и книжевник Кирил Пејчиновиќ.

Во Карпино се сочувани најстарите експонати од резбарските школи, како царски двери – дел од иконостасот, вратата на олтарот во резба со позлата, голем змиски крст, нафора, певница од седеф и трон.

Но, за жал, во овој манастир денес нема ниту еден лист од некогашната богата и раскошна збирка книги, а иконостасот и скапоцената колекција на икони од 1606 се наоѓаат во галеријата на икони во Соборниот храм „Свети Никола” во Куманово од 2017. Во 2020 во црквата е изработен нов иконостас, а на фреските им треба сериозна реставрација и конзервација. Руинирани се и конаците во манастирот.

Единствени кои се грижат и сакаат да го сочуваат овој древен историски споменик се жителите од околните села и членовите на Здружението за заштита и рурален развој „Карпино“. Посветени на неговото обновување и враќање на духовниот живот, вложуваат труд да го претворат манастирот во привлечно културно-историско и туристичко место.

Една од причините поради кои овој објект со децении беше оставен на забот на времето е лошата патна инфраструктура. Минатата година, Општина Старо Нагоричане во соработка со Бирото за рамномерен развој обезбеди санација и тампонирање на патот. Сега со автомобил може да се отиде до пред манастирот, што порано беше незамисливо.

Црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ претставува бескуполна, еднокорабна градба во правоаголна форма, која во источниот дел завршува во разбиен триконхос, и како таква е единствен пример во кумановскиот крај и пошироко. Припаѓа на хетерогената група на споменици со необични архитектонски решенија. Карактеристично за тој период е тоа што се граделе мали цркви кои повеќе наликувале на селски куќи, без прозорци, со кров на две води и без куполи, поради стравот да не бидат забележани и уништени од Османлиите. Таму каде што имало прозорци тоа биле тесни засеци во правоаголна форма.

Во подоцнежниот период, на северозападната страна на црквата, со иста архитектура, истовремено е изградена и висока камбанарија. Во дворот имало и два конака со 30 соби, кои на времето биле многу посетувани, но се разликувале како „кумановски“ и „паланечки“ одаи, а нивните имиња упатувале на потеклото на донаторите во манастирот. Побогатите и угледни семејства имале и свои соби. Манастирот бил богат со свои ниви, пасишта и добиток. Поради неговата местоположба, на падините на Козјак Планина, среде христијански села, манастирот бил тешко достапен за Отоманците. Но, поради пожари и други непогоди често бил разурнуван, а најмногу настрадал за време на Втората светска војна. Според пишувањето на хроничарот Јован Хаџи Васиљевиќ, манастирот едно време многу се задолжил и паднал во рацете на кратовскиот бег Ахмед Чалма. Христијанското население успеало да го откупи собирајќи пари и продавајќи го дури и сребрениот накит од жените.

Овој сакрален објект е еден од најзначајните средновековни споменици од поствизантискиот период на Македонија и меѓу првите е прогласен за споменик на културата, заштитен со Закон за заштита на спомениците во 1950

Останати вести