Насилството врз жените е „епидемија“ во Австралија, изјави прајминистерот Ентони Албанезе, додека илјадници луѓе протестираа во Сиднеј, Мелбурн и другите поголеми австралиски градови за да повикаат на построги закони за родово засновано насилство.
Собирите се поттикнати од бранот насилство врз жените за што Владата вели дека оваа година убива по една жена на секои четири дена. Протестите, исто така, следеа по масовниот напад со нож во Сиднеј овој месец, во кој загинаа шест лица, од кои пет жени.
Демонстрантите кои бараат построги кривични закони се собраа на митинг во Сиднеј, главниот град на државата Нов Јужен Велс, а потоа и на протестен марш поради што беа затворени улиците во градот.
Некои демонстранти носеа натписи на кои пишува „Почит“ и „Нема повеќе насилство“.
Околу 3.000 луѓе се собраа пред зградата на градскиот парламент во Аделаид.
Прајминистерот Албанезе присуствуваше на собирот во главниот град Канбера.
„Ќе шетам со жени низ Австралија за да кажам – доста е. Насилството врз жените е епидемија. Мораме да бидеме подобри“, рече тој.
Во Аделаид сенаторката од Партијата на зелените, Сара Хансон-Јанг, изјави дека е потребен „национален одговор за итни случаи“ за да се реши проблемот.
„На жените им е здодеано да им кажуваат ‘да, тоа е лошо, но не можеме многу да направиме’“, рече Хансон-Јанг.
Слични протести се одржаа минатиот викенд и во Мелбурн, Перт, Хобарт и Бризбејн.
Родовото насилство е тековен проблем во Австралија. Во 2021 година десетици илјади луѓе се собраа поради наводите за сексуална злоупотреба и недолично однесување на некои од највисоките политички функции во државата.