Во саботата имаше нови протести против заклучувањето во Мелбурн при што демонстрантите жестоко се судрија со полицијата пред зградата на Парламентот на Викторија. Шест полицајци итно се префрлени во болница, а 218 лица уапсени кога протестот против заклучување стана насилен.
Полицијата употреби солзавец и гумени куршуми врз толпата, додека се обидуваше да ги растера демонстрантите кои се собраа пред парламентот.
Органите на власта ги предупредија луѓето што присуствуваа на маршот дека ќе преземат одлучни мерки за да го спречат кршењето на наредбата за заклучување.
Но, сепак, илјадници луѓе се приклучија на протестот низ улиците на Мелбурн, а сличен митинг се обидоа да одржат и во Сиднеј. Демонстрантите извикуваа „слобода за Викторија“ и „отпуштете го Даниел Ендрус“.
Главниот комесар на полицијата во Викторија, Шејн Патон, рече дека 700 полицајци беа распоредени во центарот на градот за да ги спроведат ограничувањата за ковид-19.
Тој рече дека веќе се издадени казни за прекршување на правилата со демонстрацијата во градот за тие што биле надвор од нивната зона од 5 километри.
– Апелираме, не присуствувајте на протести, ризикот од ширење на вирусот е значаен, рече тој.
– Никој не смее да протестира во овој момент. Секој демонстрант што ќе го идентификуваме ќе добие казна од 5,500 долари. Ако можам едноставно да додадам – протестот не работи против овој вирус. Всушност, тоа ќе придонесе за ширење на овој вирус и колку повеќе случаи имаме, толку подолго ќе бидеме заклучени, рече тој.
Според сегашните ограничувања има само пет причини да го напуштите домот во Мелбурн. Исто така, не е дозволено патување на повеќе од 5 километри од дома, освен ако патувањето не е од дозволена причина. Казни до 5.452 долари може да се дадат за оние што не ги почитуваат правилата.