На првата линија на фронтот со Ковид-19 пандемијата веќе две години се бори огромна војска на медицински персонал. Паралелно со неа во спрега се стави образовниот персонал на Австралија вложувајќи големи напори да се одржи континуитетот на учењето во овој период. Училиштата направија извонредни напори да го поддржат домашното школување. Советниците за професионално насочување на средношколците применуваат најсоодветни методи и вложуваат огромно време во создавањето идни солидни професионалци. Во продолжение на овој прилог разговараме со дипломираната професорка по англиски јазик и советник за професионално насочување, г-ѓата Билјана Божиноска за која интересно е да го знаеме следново. Професорската кариера ја започна во 1987, а од 1990 до 2004-та како редовен професор во гимназијата во Темпи ги постави темелите на изучувањето на македонскиот јазик во редовната настава. Minister’s Award for Excellence in Teaching за нејзиното залагање и висок стандард на настава ја доби во 1994.
Билјана, кажете ни нешто повеќе за вашата работа.
Мојата улога како советник за професионално насочување на средношколците е да им помогнам на учениците да развијат самодоверба во планирањето на нивното понатамошно образование, кариера или вработување и да им овозможам пристап кон луѓе, можности и ресурси кои ќе им помогнат во изборот на пост-училишни опции.
Програмата за кариера во моето училиште вклучува индивидуални или групни сесии на советување, интеракција со образовни институции, локални индустрии и бизниси и учество во програми за пракса на работно место. Овие можности ги мотивираат и поттикнуваат учениците да размислуваат за својот избор на понатамошно образование и да развијат капацитет да можат да идентификуваат, истражуваат и ефикасно да управуваат со своите одлуки така да бидат спремни да направат правилен избор на идна кариера.
Како ги насочувате учениците да бидат флексибилни во изборот на кариера, бидејќи промената на кариерата еднаш или повеќе во работниот век на една личност станува се почеста појава
Интересен факт е проценката дека ние во Австралија во просек имаме 13 работни места и 5 различни кариери во текот на својот работен век.
Важно е да се запамти дека пазарот на трудот во некои области може брзо да се промени. Не е лесно да се предвидат идните побарувачки и не се препорачува одлуките за образование, обука или вработување да се засноваат само на предвидениот недостиг на работен кадар во одредена област. Понекогаш, иако некои професии може да бидат многу барани, барателите на работа сè уште можат да се соочат со значителна конкуренција за одредени работни места. Од друга страна, работодавачите понекогаш имаат потешкотии да најдат работници за занимања кои имаат ограничен раст или се во опаѓање. Значи, многу е поважно учениците да се обучат во област за која имаат интерес и способност, отколку да изберат кариера само врз основа на можната идна побарувачка.
Во моите разговори со учениците, се обидувам да ја истакнам важноста да се биде добро информиран, како и да се биде компетентен во изнаоѓање или доаѓање до информации. Од таа причина, ние во нашето училиште се претплатуваме на релевантни и веродостојни веб-страници за кариера, на учениците им обезбедуваме можности за блиска комуникација со колеџите, универзитетите и другите образовни институции и фирми за обука, со тоа што организираме посети на истите и покануваме нивни претставници да држат презентации во нашето училиште.
Дали Ковид-19 промени нешто во приодот на работењето кај Вас како професионалец кој се грижи за идната кариера на младите
Ограничувањата, како резултат од Ковид-19, предизвикаа не само финансиски и материјални последици кај луѓето туку и психолошки, физички и емоционални ефекти, физичка и ментална исцрпеност. Постојаното менување на пејсажот на пандемијата резултираше многу луѓе да доживуваат зголемени нивоа на анксиозност, зголемена депресија и загриженост дека оваа состојба на постојани промени стана наша нова нормала.
Школувањето од дома, рестрикциите и невозможноста да се комуницира лице в лице (во живо) резултираа во тоа што многу ученици беа претерано загрижени за оваа состојба на неизвесност. Во однос на мојата работа, со оглед на променетата ситуација, имплементирав нови стратегии во мојот пристап, како создавање часови на Google Classroom, организирање состаноци на Zoom и спроведување интервјуа по телефон. Се погрижив сите ресурси да бидат поставени на онлајн платформите и достапни за студентите за тие да имаат пристап кон најнови информации. И ние, наставниот кадар поминавме низ тежок период меѓутоа успеавме брзо да се приспособиме на ново настанатата ситуација, да се адаптираме и да научиме да бидеме пофлексибилни.
Нашите матуранти од 12-то одделение беа особено загрижени дека ќе ги пропуштат роковите за упис, дека нема да успеат да се запишат на факултет по свој избор, дека нема да го постигнат бараниот резултат за упис па затоа им беше потребна дополнителна поддршка, па и утеха. Примав исклучително голем обем на е-пошта и телефонски повици што ја потврдуваат горната изјава. Родителите исто така беа загрижени па поинтензивно се вклучија во пост-училишното планирање на нивните деца. Се надевам времето поминато во изолација и без контактот во живо нема да остават трајни последици кај оваа генерација.
Дали малите бизниси и индустриите најпогодени од епидемијата (на пример, туризмот, авиокомпаниите) и индустриите во подем како што се здравствената и фармацевтската им даваат одредени сигнали на младите луѓе и влијаат врз изборот на нивната идна професија?
Ковид-19 нанесе неочекуван удар на многу индустрии ширум светот. Некои издржаа и се развија уште повеќе, додека други доживеаја огромен пад. Многу бизниси беа принудени да затворат. Пандемијата имаше значително влијание врз пазарот на труд и како резултат се појави поголема конкуренција за одредени работни места. Стана многу важно да се дознае што бараат работодавачите и да се стекне разбирање за постоечката ситуација.
А како ова влијаеше врз матурантите кои се на праг на изборот на нивната идна професија?
За време на рестрикциите бев сведок на многу дебати. На пример, дали мојата идна индустрија сеуште добро функционира? Дали ќе можам да најдам работа по мојата струка? Дали ќе се бара од мене да работам од дома? Со какви проблеми се соочуваат различни сектори во моментов? Како изгледа иднината за мојата избрана професија?
На пример, пандемијата го доведе туризмот во застој. Според Светската Туристичка Организација тоа е една од најпогодените индустрии. Сепак, земјите наскоро повторно ќе ги отворат своите граници. Туристичката индустрија брзо ќе закрепне. Но, што ако се повтори истата ситуација? Оваа дилема сеуште ги загрижува и им создава стрес на младите луѓе кои ги планираат своите патеки за иднината.
Сите знаеме дека здравствените работници играа клучна улога во текот на пандемијата. Оваа криза предизвика невидено оптоварување на здравствениот систем и остави траги на нашето ментално и физичко здравје, потсетувајќи нè на важноста да се грижиме за себе и за медицинските професионалци кои ни помагаат во тоа.
Побарувачката за здравствени работници не се очекува да стагнира во скоро време и потребата од професионалци од оваа област нема да исчезне откако вирусот ќе биде под контрола. Се предвидува побарувачката за здравствени работници да се зголеми во наредните години затоа што тие се на врвот на листата за најбрзо растечки работни места во следната деценија. Не е чудно што интересот за овие занимања кај средношколците драстично се зголеми, па затоа се трудиме учениците да добијат достапни тековни информации за да можат да донесат правилна одлука за својето идно образование.
Дали школувањето од дома беше поттик за образовниот персонал да ја искористи оваа можност за да донесе иновации во образованието и да открива нови патеки за да им помогне на идните лидери во Австралија?
Рестрикциите, како резултат на Ковид-19, го прекинаа традиционалното школување и ги затворија училиштата низ целата земја. Наставниците беа приморани да се прилагодат на новите педагошки концепти и начини на изведување на наставата, за што многу од нив не беа ни обучени. Училиштата имплементираа настава на онлајн платформи, часовите се одржуваа во реално време и се користеа разни платформи за виртуелни состаноци со учениците. Иако училиштата вложуваа големи напори да се одржи континуитетот на учењето во овој период, на почетокот учениците мораа повеќе да се ослонуваат на сопствените ресурси и способности да можат да продолжат да учат од далечина. Образовниот персонал беше загрижен дека учениците кои немаа пристап до ресурси за дигитално учење или немаа развиени вештини на издржливост и способност да учат самостојно, академски многу ќе заостанат. Какви и колкави ќе бидат последиците за оваа генерација, верувам, ќе бидат јасни после неколку години.
Училиштата превземаа извонредни напори да го поддржат домашното школување на своите ученици со тоа што им испраќаа наставни пакети (учебници, работни листови и печатен материјал), како и лаптопи и други потребни ресурси на своите ученици. Министерство за Образование на Нов Јужен Велс пружи исклучителна поддршка на наставниот кадар со тоа што ни обезбеди професионален развој со цел да се опремиме за да можеме да спроведуваме квалитетна настава од дома.
Сидни Морнинг Хералд во март оваа година ја најави програмата на владата на Нов Јужен Велс за новиот сервис познат како Careers NSW, прв во Австралија. Каква е вашата соработка со владата и другите образовни институции.
Careers NSW е нова онлајн програма за сите граѓани на Нов Јужен Велс од 18 до 60 години која ќе ги поврзе граѓаните со служба која ќе нуди лесно достапни и квалитетни совети за образовни насоки и квалификации. Службата, исто така, ќе укаже на тоа кои вештини и квалификации се потребни за побрзо вработување во одредени професии. Тимот кој ќе работи во склоп на сервисот на Careers NSW ќе иницира консултации за следната фаза од програмата. Целта на овие консултации е да се информираат за работата на советниците за кариера и услугите кои тие им ги нудат на своите ученици во средните училишта па така да можат да работат заеднички, колаборативно.
Како советник за кариера, редовно соработувам со универзитетите и другите високообразовни институции, како и со раководителите на фирми и работодавачите. На моите ученици им овозможувам пристап кон информации за понатамошно образование и обука со тоа што им давам прилика да учествуваат во голем број програми, екскурзии, презентации и разни образовни работилници. Поканувам голем број гости од универзитетите и приватните колеџи, како и од индустријата, да ги информираат учениците за разните опции и патеки за пост-училишна возраст. Овие активности често иницираат дополнителни прашања од страна на учениците и се многу корисни.
Редовно присуствувам на состаноците на Асоцијацијата на Советници за Кариера и учествувам во работилници и настани за професионална надградба, кои ме подготвуваат да можам да им помогнам на моите ученици во нивниот преод од средно во високо образование, обука или вработување.
Кариерата ја започнавте како професор по англиски и германски јазик во австралискиот образовен систем, а во сабота предававте и македонски јазик. Каква е вашата врска со Саботните училишта за јазици на заедниците овие денови.
Ја започнав мојата професорска кариера во средното училиште во Темпи во 1990 година. Исто така предавав и во саботните училишта пред да добијам работно место во истото како координатор за наставни програми, поддржувајќи неколку јазици на заедницата. Во тие години бројот на учениците кои учеа македонски јазик во саботното училиште беше значителен, но за жал во последниве години бројката драстично се намали. Саботното училиште за јазиците на заедницата го промени името во Secondary College of Languages оваа година. Колеџот нуди часови на 25 различни јазици за ученици во средно образование, од 7-мо до 12-то одделение. Часовите се одржуваат во сабота претпладне во 14 кампуси. Македонскиот јазик се изучува во три, а јас го раководам кампусот во Бенкстаун.
Истражувањата покажуваат дека придобивките од учењето на втор јазик се многубројни. Додека децата се забавуваат откривајќи нови и уникатни начини на изразување на својот мајчин јазик, тие исто така вежбаат и го зајакнуваат својот мозок, ја стимулираат мозочната активност, ги подобруваат своите вештини за описменување и стануваат подобри комуникатори и подобри глобални граѓани.
Изучувањето на македонскиот јазик им помага на нашите Македончиња да го ценат своето потекло и своето културно наследство и да се запознаат со историјата на нивните претци. Одржувањето на мајчиниот јазик е од клучно значење за нашиот идентитет и затоа ги поттикнувам сите родители да ги запишат своите деца во нашите училишта и да уживаат во придобивките од изучувањето на македонскиот јазик.
(Ве молиме кликнете на QR-кодот да пристапите на веб-страницата за упис).