Последното зголемување на каматните стапки од Резервната банка на Австралија (RBA) е 0,25 процентни, што е помало од очекувањата но и со предупредување за натамошни зголемувања во следните месеци да се спречи зголемување на инфлацијата.
Стапките по шест месеци постојано покачување од рекордно ниското ниво 0,1 отсто во април, сега се на 2,6 проценти што е највисоко од 2013 година.
Големите банки не трошеа многу време за да го пренесат зголемувањето на клиентите и веднаш најавија зголемување на променливата стапка на станбени кредити за 0,25 процентни поени од 14 октомври.
Гувернерот на RBA, Филип Лоу, рече дека централната банка се определила за зголемување од 0,25 процентни поени бидејќи ги проценувала изгледите за инфлацијата и економскиот раст во Австралија после повеќекратните зголемувања.
– Денешното натамошно зголемување на каматните стапки ќе помогне да се постигне поодржлив баланс на побарувачката и понудата во австралиската економија. Ова е неопходно за да се скроти инфлацијата, се вели во неговата изјава.
Со оглед на тоа што официјалната стапка на готовина ќе се зголеми над 3 проценти во месеците што следат, некои економисти предупредија дека RBA ризикува непотребна рецесија доколку темпото на зголемувања на каматните стапки не почне да се забавува.
Федералниот благајник Џим Чалмерс предупреди дека се собираат облаци за „веројатна“ глобална рецесија, во услови на зголемени инфлациски притисоци што поттикнуваат агресивен циклус на зголемување на стапката на каматите од страна на централната банка.
Говорејќи во Канбера во вторникот по одлуката на Резервната банка да ја подигне стапката на готовина за само 0,25 базични поени (на вкупно 2,6 отсто), д-р Чалмерс изрази загриженост дека глобалната економија се соочува со значителни ризици, што може да има сериозни последици врз австралиската економија.